Учениците од основното училиште „Гоце Делчев“ во валандовското село Пирава ќе посетуваат настава во современи услови, затоа што објектот е темелно реконструиран. Станува збор за инвестиција 322.600 долари кои ги обезбеди Европската воена команда на САД преку Програмата за надворешна хуманитарна и цивилна помош, додека Министерството за образование и наука и општината ја обезбедија потребната документација и надзор на изградбата.
По повод завршување на инвестициската активност, денес училиштето го посетија министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, заменик амбасадорката на САД во Македонија, Никол Варнс и заменик шефот на Канцеларијата за одбранбена соработка при амбасадата, мајор Даниел Силвер. Тие се согласни дека образованието е најважниост општествен сегнемт кој го детерминира севкупниот напредок на државата.
„Видов како изгледал овој објект до неодамна и гледам во што е трансформиран денес. Се радувам што дечињата од ова населено место добија услови какви што всушност треба да имаат сите ученици во државата. Во убава училишна средина, поинаква е енергијата. Ентузијазмот расте, се стимулира желбата за учење и за наука и се зголемува мотивацијата за работа и креативна настава“, рече Јаневска упатувајќи честитки до општинското раководство, вработените во училиштето и жителите.
„Со оглед дека САД дадоа исклучително значаен придонес во реконструкцијата на училишниот објект, редно е заеднички да им изразиме голема благодарност. Тие се наш стратешки партнер повеќе од 3 децении. Имаат голем придонес во развојот на одредени вештини кај нашите ученици, како на пример дигиталните, јазичните, претприемачките, медиумската писменост и така натаму. И секако, ова не е прва инфраструктурна инвестиција во образованието од страна на американскиот народ, а убедена сум дека нема да биде ниту последна“, потенцираше министерката.
Додаде дека ни се потребни пријателите, бидејќи какп што рече заедно со нив, националните цели и интереси полесно се остваруваат.
„Унапредувањето на образовната инфраструктура е меѓу повисоките владини приоритети. Ова го поткрепувам со фактот дека само во моментов како Влада, имаме инвестициски циклус од 32 милиони евра, со кои градиме 7 нови училишни објекти, 20тина се реконструираат, градиме 4 нови спортски сали и се обновуваат два студентски дома. Во 50тина училишта следи и поставување на фотоволтаични системи“, додаде Јаневска.
Информираше и дека на крајот на оваа и почетокот на следната календарска година ќе отпочнат и многу покрупни инвестиции, генерално врзани за високото образование, но продолжуваат и вложувањата во основното и средното образование.
“Додека ја одбележуваме 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Соединетите Американски Држави и Северна Македонија, соодветно e што се собираме токму во едно училиште. Бидејќи образованието отсекогаш било во срцето на нашето партнерство. Не затоа што станува вест, туку затоа што прави разлика. Инвестирањето во образованието значи инвестирање во младите. А инвестирањето во младите значи инвестирање во иднината што сакаме да ја изградиме - заедно”, рече заменик амбасадорката на САД, Никол Варнс.