Живо е словото и делото на браќата Кирил и Методиј, ги надминува вековите и границите и е инспирација за генерациите. На темелите што ги поставија продолжува да се гради нашата литература и култура. И сега не е ништо помала потребата за длабоко разбирање, мудрост или интелектуално будење на сите нас, нивните наследници.
Денес, кога го славиме Денот на големите словенски браќа, со дигнитет се потсетуваме на нивното спротивставување на диктатот на тогашните моќни и на нивната борба да го просветлат својот народ, давајќи му писмо и знаења на разбирлив јазик. Ваква духовна мисија денес имаат сите наши учители – да им дадат на младите знаења, вештини и да ги оспособат за рамноправен натпревар во свет кој секојдневно се менува и развива.
Како Министерство за образование и наука, наша задача е да им помогнеме на сегашните учители во нивната мисија. И со посветеност тоа го правиме.
Ова е време за образование кое младите ќе ги научи и обучи за новите предизвици, не заборавајќи ги вредностите на вековното наследство. Училиштата да бидат простор каде што коегзистираат науката, технологијата и се негува историската меморија.
Честит нека е 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, Светите Кирил и Методиј.
Министерка за образование и наука
Проф. д-р Весна Јаневска