Цел на сите нас е Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и натаму да јакне и да се вброи на листата од 1.000 најдобри светски универзитети. Тоа им го должиме на патроните на Универзитетот и основоположници на словенската писменост како и на нивните ученици Климент и Наум кои во IX век ја основаат Охридската книжевна школа — првиот словенски и најстариот европски универзитет, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска на свеченоста по повод одбележувањето на 76-годишнината од основањето на Универзитетот и на патрониот празник на Универзитетот – Денот на Светите Кирил и Методиј.
„За Владата и за Министерството за образование и наука, висок приоритет е подобрувањето на квалитетот на високото образование. Затоа минатата година формиравме Национално координативно тело за реформи во високото образование и научно истражувачката дејност, кое веќе работи на подготовка на нов Закон за високо образование. Ни треба нова регулатива, професорите и студентите треба да имаат повеќе права, но со тоа одат и повеќе обврски“, посочи Јаневска, додавајќи дека во подготовка е и нов Закон за научно-истражувачка дејност.
Укажувајќи дека оваа година буџетот за образование е најголем досега, министерката нагласи дека за наука се издвоени 680 милиони денари што е речиси двојно повеќе од минатогодишните 380 милиони денари и веќе се објавени три повици за распределба на средства за реализација на иновативни научно – истражувачки проекти.
„Инвестираме во повисоки плати на професорите и очекуваме с? ова да резултира со поквалитетни студиски програми и повеќе научни трудови со фактор на влијание. Преземаме законски мерки кон научните институти кои од наука го имаат само зборот во името. Нашата визија е високо образование на европско рамниште“, кажа Јаневска.
Доколку студентите можат да одберат квалитетни студии во својата земја, не би оделе да бараат знаење на странски катедри, рече министерката Јаневска, објаснувајќи дека во оваа насока се и подобрувањето на студентскиот стандард, одличната соработка со студентските здруженија како и подобрувањето на условите во студентските домови. Јаневска побара сите чинители во образованието да придонесат за поквалитетно образование доколку сакаме како држава да направиме голем развоен исчекор.