Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / Работна група на МОН, СОЗР и УКИМ ќе ги отстранува пречките за да продолжи изградбата на објектите за ФИНКИ и ФФК

Работна група на МОН, СОЗР и УКИМ ќе ги отстранува пречките за да продолжи изградбата на објектите за ФИНКИ и ФФК

 

Работна група на МОН, СОЗР и УКИМ ќе ги отстранува пречките за да продолжи изградбата на објектите за ФИНКИ и ФФК

 

 

Работна група која ќе ја сочинуваат претставници на Министерството за образование и наука, владината Служба за општи и заеднички работи, Градежниот факултет и повеќе други високообразовни установи при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, ќе ги отстранува пречките за продолжување на изградбата на објектите за ФИНКИ и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, која започна во 2015 година, а беше стопирана во 2019та. 

 

За оваа цел, денеска министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, ректорката на УКИМ проф. д-р Биљана Ангелова, деканот на Градежен факултет проф. д-р Горан Марковски и директорот на СОЗР, Ивица Томовски потпишаа меморандум за соработка кој предвидува, овие институции да спроведат индивидуални и заеднички активности кои ќе придонесат кон обезбедување на чиста состојба за продолжување на изградбата на објектите во кампусот на најстариот универзитет во Македонија.

 

„Повеќе од 6 години нема никаква теренска активност. Ова е период во кој истечена е важноста на одредена документација за градба, изменети се дел од законските решенија, а отпочнатите објекти се на ниво на карабина и во лоша состојба. Затоа, заедно ќе извршиме увид во фактичката состојба, ќе направиме преглед на расположливата инвестиционо-техничка документација и ќе дефинираме начин на кој би се продолжила изградбата во согласност со потребите на крајните корисници“, рече министерката Јаневска.

 

Според неа, административните предизвици ќе бидат надминати до крајот на годината, по што преку постапка за јавна набавка ќе се одбере најповолен изведувач на ревидираните проекти за двата објекти. Изрази голема благодарност до сите кои прифатија да помогнат во остварувањето на целта која е од интерес на младите, на високото образование и државата.

 

„Особено сум благодарна на деканот на Градежниот факултет проф. д-р Марковски, кој ќе одлучи какви профили на стручни лица се потребни во работната група, на пример претставници и од други факултети, и ќе ја предводи нејзината работа. Овде се покажува висока општествена одговорност, имајќи предвид дека меморандумот нема финансиска компонента и не предизвикува фискални импликации“, додаде Јаневска.

 

Министерката потсети дека според потпишаните договори за реализација на проектите во 2015 година, ФИНКИ требало да чини 784 милиони денари, но само 14% од работите во договорот се реализирани и исплатени. Во апсолутен износ, тоа е износ од 110 милиони денари. Додека Факултетот за физичко образование, спорт и здравје требало да чини 432 милиони денари, а реализацијата на проектот е 16,8%, односно исплатени се 73 милиони денари.

 

Ректорката на УКИМ, проф. д-р Ангелова и деканот на Градежен факултет, проф. д-р Марковски рекоа дека се вклучуваат за да му помогнат на министерството, но и на самите себеси, бидејќи објектите припаѓаат на овој универзитет. Најлоша варијанта, како што посочија, е објектите да останат незавршени, односно неопходно е да се спречи понатамошно пропаѓање и заокружување на отпочнатата инвестиција.

 

Директорот на СОЗР, Томовски посочи дека стојат на располагање со нивната логистика, човечки потенцијал и кадар да придонесат во изградба на објектите и, како што рече, да излезат максимално во пресрет „за студентите конечно да добијат соодветни услови за студирање“.

 

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar