Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / Промовирана нова генерација дипломци и магистри на ФИНКИ, Јаневска со порака да продолжат да живеат и работат во Македонија

Промовирана нова генерација дипломци и магистри на ФИНКИ, Јаневска со порака да продолжат да живеат и работат во Македонија

 

Промовирана нова генерација дипломци и магистри на ФИНКИ, Јаневска со порака да продолжат да живеат и работат во Македонија

 

Министерката за образование и наука Весна Јаневска ја поздрави новата генерација дипломци и постдипломци на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (ФИНКИ), со порака да продолжат да стекнуваат знаења и вештини, како најдобар начин за остварување на нивните животни цели. Министерката се заблагодари на наставниот кадар, семејствата и најблиските кои се вградени во успесите на студентите.

„Најголемото признание денес го добиваат овие млади луѓе, за кои дипломата е завршување на едно поглавје и почеток на друго – академско, професионално, животно. Како министерка, посакувам да продолжите да живеете и работите овде, во својата земја, и да помогнете во нејзиниот развој. Тука сте најпотребни“, рече министерката Јаневска.

Посочувајќи дека Владата е максимално посветена на младите, Јаневска нагласи дека во делот на високото образование ќе следат крупни промени насочени кон унапредување на неговиот квалитетот. Во рамки на реформите се разгледуваат различни решенија, а меѓу нив е и тоа за гарантирано вработување на најдобрите студенти во една генерација, на јавните универзитети и научни установи.

Министерката за образование и наука укажа дека ФИНКИ конечно ќе го добие новиот објект во текот на мандатот на оваа Влада и дека сите заедно треба да работиме за да се реализираат заложбите за квалитетно образование и добра работа во Македонија.

Обраќањето Јаневска го заврши со изразување сочувство до семејството на починатиот студент на ФИНКИ во несреќата во Кочани. На повредените четворица студенти им посака поскоро закрепнување и продолжување на патот до остварување на поставените животни и професионални цели.

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar