Во моментов во 150тина училишта се реализира настава во една смена, а за целосна оптимизација на училишната мрежа што ќе значи и воведување на едносменско работење во сите основни училишта во државата, потребно е да се доградат 300 училници и 70 санитарни јазли, за што, според проценките кои ги направивме со УНИЦЕФ и Светска банка треба да се инвестира околу 8 милиони евра. Освен средства, потребно е и време, но ќе бидеме истрајни и во соработка со локалните самоуправи ќе ја оствариме целта.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска при денешната посета на основното училиште „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во општина Ѓорче Петров, каде од денеска сите наставници и ученици наставата ќе ја реализираат во една смена.
„Исклучително сум задоволна што општините ја прифаќаат оваа идеја, затоа што обезбедува повеќе придобивки – ги задржуваме децата подолго на училиште имајќи предвид дека имаат 900 часови помалку од европските врсници до 15 годишна возраст и тие повеќе се социјализираат и почитуваат меѓусебно, ги намалуваме тековните трошоци за работа на училишните објекти и го решаваме предизвикот со наставниците кои немаат доволен фонд на часови“, рече Јаневска.
Напомена дека сé поголема е иницијативноста на општинските раководства за подобрување на состојбите во образованието, затоа што, како што посочи, на сите ни е јасно дека знаењето на граѓаните е фактор на кој се потпираме и кој треба да го води развојот на државата.
Во општина Ѓорче Петров досега во четири од вкупно шест основни училишта е воведено едносменско работење.
„Мора да се знае дека ова е процес кој ќе трае подолго време, не година или две, бидејќи се потребни крупни инфраструктурни инвестиции за да се создадат услови за едносменска настава секаде. Но почнавме и ќе бидеме истрајни. Немаме друга алтернатива доколку сакаме поефективно образование, социјализирани генерации со подобри знаења од оние што сега ги покажуваат на меѓународните тестирања“, додаде Јаневска.