Посветени сме на континуирано унапредување на студентскиот стандард како важен предуслов за квалитетно високо образование. Доколку студентите имаат помалку финансиски грижи во текот на студирањето, тогаш со поголема посветеност се насочуваат кон науките што ги изучуваат. Нашите студенти добиваат субвенциониран студентски оброк, зголемени се студентските стипендии а воведени се и целосно нови категории на стипендии. Продолжуваме со политики насочени кон повисок стандард на младите луѓе. Ова го кажа министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешната средба со студентските претставници од Државното студентско собрание и од Универзитетското студентско собрание при УКИМ.
„Разменивме мислења за барањата кои студентите ги адресираа до Министерството а се однесуваат на унапредување на нивниот стандард и на квалитетот на високото образование. Разговаравме и за потенцијалниот влез на Државното студентско собрание во Европска студентска унија, најголемата студентска организација на ниво на Европа и очекувањата на студентите. Заклучивме дека е наш заеднички национален интерес студентите да се вмрежат со студентите од Европа и да разменуваат искуства и знаења“, рече министерот Шаќири, додавајќи дека МОН е подготвено да ги поддржи да станат рамноправни членови на европското друштво од над 20 милиони студенти.
Студентските претставници сметаат дека вмрежувањето во единствената студентска платформа ќе придонесе кон нивно поголемо информирање и обуки за развојот на политиките во високото образование на европско ниво, учество на студентите во истражувања и партнерски проекти како и кон широка размена на знаења и искуства.
Европската студентска унија е автономна, демократска и репрезентативна организација на студенти низ Европската област на високото образование и има организации членки во 40 земји.