Денес започна полагањето на државната матура за учебната 2025/2026 година. Вкупно 14.587 матуранти се пријавени за полагање на испитите со кои го заокружуваат средното образование и стекнуваат услов за продолжување на високообразовните установи или за вклучување на пазарот на трудот.
Полагањето се спроведува во училиштата каде што се обезбедени сите законски и организациски услови, а дел од учениците, по барање на училиштата, полагаат во амфитеатрите на најблиските факултети.
Министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска и директорката на Државниот испитен центар, Даниела Михајловска го посетија Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде полагаат учениците од СУГС „Васил Антевски – Дрен“.

Во изјава за медиумите, министерката Јаневска на сите матуранти им посака успех во полагањето и истакна дека годинава матурата се реализира според нов концепт кој овозможува поправеден пристап кон оценувањето на учениците.
„За првпат државната матура се спроведува според новата Концепција која предвидува државна, стручна и уметничка матура. На овој начин учениците ќе бидат тестирани според наставните содржини што реално ги изучувале во текот на средното образование, што претставува значаен исчекор кон поголема правичност и еднакви можности за сите матуранти“, изјави Јаневска.
Информираше дека типот на матура може да се избере и во зависност од тоа дали и каде би сакал матурантот да продолжи да се надградува. Како што рече, високообразовните установи уште кон крајот на минатата година известија со каква матура еден ученик може да се запише на нивните студиски програми.
Матурантите денес го полагаат првиот од двата екстерни испити – странски јазик, математика или историја, во зависност од избраниот тип на матура. Вториот екстерен испит, по мајчин јазик, ќе се реализира на 11 и 12 јуни.
„Очекувам процесот да помине во најдобар ред и во фер атмосфера. Заедно со училиштата, тестаторите и набљудувачите работевме на создавање услови за регуларно спроведување на испитите. Ги повикувам учениците да се потпрат на сопственото знаење, бидејќи секој обид за препишување носи сериозни последици и може да го одложи стекнувањето на дипломата за цела година“, нагласи министерката.
Директорката на Државниот испитен центар, Михајловска информираше дека од вкупниот број пријавени матуранти, 12.184 се пријавиле да полагаат државна матура, 2.276 ученици за државна стручна матура и 127 се пријавени за државна уметничка матура.
„Организацијата на државната матура според новата Концепција, бара поголем ангажман, но Државниот испитен центар во координација со министерството и училиштата успешно ќе одговори на предизвикот, во чиј фокус се интересите на учениците“ изјави Михајловска.
За непречено и регуларно спроведување на матурата ангажирани се околу 2.500 тестатори и 200 набљудувачи. Резултатите ќе бидат објавени најдоцна еден месец по полагањето на вториот екстерен испит.