Основното училиште „Дрита“ во с. Рашче во општина Сарај ќе добие нова спортска сала. Денес беше поставен камен темелник на објектот, за кој Владата обезбеди 60 милиони денари.
На отпочнувањето на градежните работи присуствуваше заменик министерот за образование и наука Дритон Сулејмани, кој рече дека оваа инвестиција е уште една потврда за посветеноста на Владата кон подобрување на условите во образование и создавање современа инфраструктура која ќе им служи на учениците и на целата заедница.
„Спортските сали се многу повеќе од објекти. Тие се места каде што се градат здрави навики, се развиваат спортските таленти и се негуваат вредности како дисциплина, одговорност, соработка и почит. Преку ваквите инвестиции, директно инвестираме во иднината на нашите деца и млади“, истакна Сулејмани.
Министерството за образование и наука продолжува со вложувањата во образовната инфраструктура на целата територија на државата, затоа што сите ученици заслужуваат еднаков пристап до квалитетно образование. Во изминатите две години вложени се над 3 милијарди денари во изградба на нови училишта и спортски сали, реконструкции на постојни објекти и нивно опремување.