Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Се доградуваат 8 училници во ОУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во Хром, од следната година ќе се воведе едносменска настава

Се доградуваат 8 училници во ОУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во Хром, од следната година ќе се воведе едносменска настава

Претседателот на Владата проф. д-р Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска и градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски денес поставија камен темелник за изградба на нов објект со 8 училници во склоп на основното училиште „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во населбата Хром, кој ќе биде заокружен најдоцна за една година.

 

Станува збор за инвестиција во вредност од 30,6 милиони денари, обезбедени преку повик на Владата за финансирање на капитални инфраструктурни проекти во областа на образованието. Изградбата на објектот ќе овозможи во училиштето од следната година да се воведе едносменска настава.

 

„Упатувам честитки до градоначалникот и посветеното раководство на општина Ѓорче Петров за заложбите да изградат нови училишни капацитети. Отпочнување три нови објекти во еден месец  е добар показател за грижата кон граѓаните, кон најмладите и квалитетот на нивното образование. Посакувам успешно заокружување на градежните работи во предвидениот рок и заедно да ги отвориме овие нови училници“, рече Јаневска.

 

Министерката нагласи дека образовната инфраструктура во Македонија интензивно се надградува и се обезбедуваат подобри услови за настава насекаде. Тоа е така затоа што, како што рече, Владата и локалните самоуправи се обединети околу иста идеја и идеологијата дека без квалитетно образование, не можеме да зборуваме за добра иднина и токму и затоа расте буџетот за нови училишта каде има потреба, за спортски сали, за реконструкција на постојните, за проширување на капацитети и за студентски домови. Во изминатите две години во образовната инфраструктура се вложени над 70 милиони евра од страна на министерството и Владата.

 

Минатиот месец во општина Ѓорче Петров започна и доградувањето на нови училници во рамки на основните училишта „Страшо Пинџур“ и „Јоаким Крчоски“. Целта е опфат на повеќе деца и воведување едносменска настава која обезбедува повеќе придобивки за најмладите.

Мени за пристапност