Министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска се обрати на свечената церемонија на која беше промовирана 22. генерација апсолвенти на Универзитетот на Југоисточна Европа, што се одржа во кампусот во Тетово.
„Дојдовте во последната фаза на студирањето и полека влегувате во гласен и сложен свет, воден од интензивен научен развој. Но, влегувате подготвени. Уште во текот на студирањето можевте да користите дигитални технологии што ја прошируваат реалноста со нови димензии и информации. Универзитетот на Југоисточна Европа ја интегрира вештачката интелигенција во наставата и во научно-истражувачката работа, а на студентите им овозможува да стекнат дигитални компетенции и ги прави конкурентни на пазарот на труд“, рече Јаневска.
Посочи дека, без оглед дали ќе продолжат на магистерски студии или стекнатото образование ќе го применат во професионална средина, треба да покажат дека се генерација млади кои се подготвени да понесат одговорност и да придонесат во градењето заедница што се темели на знаење, интегритет и посветеност.
„Во вашиот успех, удел имаат и вашите родители или старатели, а посебна заслуга оди кај професорите, кои ви беа ментори низ студиските програми и ви помогнаа да развиете способности, да стекнете самодоверба и да изградите вредности што ќе ве водат низ професионалниот и личниот живот“, укажа министерката, заблагодарувајќи им се на професорите што градат компетентни кадри и што ги поддржаа заложбите на Владата за унапредување на научната работа, како услов за напредок на државата.
Професорите дадоа значаен придонес и во подготовката на новата законска рамка за високото образование и науката, а министерката Јаневска побара сите чинители и натаму да продолжат да работат заедно на реализација на новите решенија, доколку сакаме да се подигне институционалниот капацитет и научната продукција на универзитетите.
На церемонијата се обратија и ректорот проф. д-р Садудин Ибраими и проф. д-р Клаус Тотерман, претседател на Бордот, а присуствуваа и заменик министерот за образование и наука, Дритон Сулејмани, како и поранешни ректори на универзитетот.