Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Во Штип ќе се гради универзитетски фузиран центар за сајбер безбедност

Во Штип ќе се гради универзитетски фузиран центар за сајбер безбедност

На Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип ќе се гради универзитетски фузиран центар за сајбер безбедност, а почетокот на активностите денес го најавија министрите за образование и наука и дигитална трансформација Весна Јаневска и Стефан Андоновски, в.д. шефицата на мисијата на амбасадата на САД, Никол Варнс, ректорот проф. д-р Дејан Мираковски и координаторот на проектот проф. д-р Методи Хаџи Јанев.

Според министерката Јаневска, во време кога дигитализацијата е присутна во секој сегмент од живеењето, стратешки приоритет е да се вложува во сајбер безбедност и дигитална отпорност. Проектот, како што посочи, е дел од визијата за создавање на институции и системи кои ќе бидат поотпорни на закани, како и кадри со знаење и вештини да одговорат на сајбер предизвиците.

„Значајно е што Македонија се препознава како земја во регионот што има капацитет прва да го имплементира овој проект и што во рамки на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип ќе има центар кон кој ќе се поврзат и Албанија и Црна Гора. Овој центар, кој ќе обединува образование, истражување и практична одбрана од сајбер закани, ја прави Македонија регионален хаб за знаење и компетенции во сферата на сајбер безбедноста“, потенцираше Јаневска.

Министерството за образование и наука настојува уште од најраните образовни нивоа да се развива свест и дигитални навики кај учениците. Сајбер-безбедноста е темелна компетенција на современото општество и затоа низ основното и средното образование учениците постепено стекнуваат систематизирани знаења и практични вештини, кои се основа на која понатаму, во високото образование, можат да се градат поединци и тимови подготвени да ја јакнат националната дигитална отпорност.

Како дел од поважните активности на МОН насочени кон развивање програми и иницијативи за јакнење на капацитетите за справување со сајбер-закани, министерката издвои дека со поддршка на Канадската амбасада изготвен е Водич за препознавање и спречување на сајбер-насилство и стекнување на вештини за примена на мерки за сајбер безбедност, додека со поддршка на Владата на Обединетото Кралство формирани се клубови за сајбер безбедност во 10 средни училишта и опфатени се 150 ученички од втора и трета година, но и наставници за ИТ и кариерни советници кои поминаа обуки низ повеќе работилници.

Заедно со Факултетот за информатика во Штип, изготвен е Водич за вештачка интелигенција, наменет за наставниците и стручните соработници, во кој е опфатена и заштитата од злоупотреби. Во рамки на задолжителните обуки за наставниците, справувањето со сајбер заканите се изучува преку посебен модул.

„Министерството за образование и наука во делот на инфраструктурата, секоја година ги зголемува средствата за опремување на училишта со современа ИТ технологија и безбедна интернет мрежа. Досега над 100 училишни објекти се опремени со безбеден безжичен интернет, кој отфрла сајбер напади и не дозволува пристап до непроверени и несоодветни веб страни и апликации“, информираше министерката.

Изрази благодарност до Бирото за Европа и Евроазија при Министерството за надворешни работи на САД за спонзорирањето на изградбата на центарот, како и до CRDF Global, кој го спроведува проектот, кој пак е дел од Програмата за сајбер безбедност и дигитална отпорност на земјите од Западен Балкан.

Мени за пристапност