Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Јаневска: Силна поддршка од Словенија за зајакнување на образованието на медицинските сестри и акушерките по европски стандарди

Јаневска: Силна поддршка од Словенија за зајакнување на образованието на медицинските сестри и акушерките по европски стандарди

Партнерството со Словенија преку проектот „Зајакнување на образованието и професионалната регулатива за медицински сестри и акушерки во Македонија“ продолжува и во периодот 2026–2028.

„Во Словенија секогаш гледаме силна поддршка за нашата интеграцијата во ЕУ, а преку конкретната соработка во образованието и во здравството, како и преку пренесување на добри практики, овој сложен процес можеме многу полесно да го реализираме“, рече министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на настанот за означување на почетокот на втората фаза на проектот.

Во изминатиот период беа поставени основи за клучни реформи во образовните програми за сестринство и за акушерство, со цел да се изгради функционален медицински кадар. Јаневска посочи дека подигнувањето на нивото на здравствена заштита, кое се темели на поквалитетно образование, не е само формално усогласување со европските стандарди, туку е насочено кон обезбедување најдобра можна здравствена услуга за граѓаните, родилките и бебињата, од стручни, добро образувани и компетентни професионалци.

„Затоа сме фокусирани на користење на најдобрите словенечки искуства во  реорганизација на образованието за медицински сестри и акушерки, што ќе придонесе за повисок квалитет, безбедност и достапност на здравствените услуги. Управувачкиот комитет на Проектот и работните групи, изминатата година и половина завршија одлична работа, направија анализи на образовниот систем, на регулативата и лоцираа точки за промени. Изготвена е национална модернизирана и унифицирана додипломска програма за медицински сестри и акушерки“, објасни министерката Јаневска.

Со новиот Предлог-закон за високото образование се овозможени академските студии за профилите медицинска сестра и за акушерка, како основа за отворање на истражувања во овие области и за обезбедување соодветен академски кадар за спроведување на квалитетна настава.

Во рамки на проектот ќе се истражат и можностите за развој на магистерска програма за медицински сестри.

Министерката укажа дека цел на Владата е зајакнување на овие професии на домашниот пазар на трудот, дефинирање на јасни кариерни патеки, што значи и можност за повисоки плати и вистински кариерен развој.

„Тоа е начин да создадеме услови нашите медицински сестри и акушерки да градат квалитетна иднина во својата држава“, додаде министерката Јаневска.

Проектот го води Центарот за европска перспектива, официјална институција за имплементација на Словенечката програма за помош и вклучува експерти од бројни институции, професионални здруженија, факултети за здравствени науки, канцеларијата на СЗО во Скопјe, УНФПА и УНИЦЕФ.

Мени за пристапност