Во просториите на Стопанската комора на Македонија денес се одржа четвртиот национален настан за доделување грантови од страна на Регионалниот фонт за предизвици, чија цел е поддршка на развојот на стручното образование и поврзување со бизнис секторот.
Овој пат беше доделен грант во износ од 500 илјади евра за реализација на проект „Паметна обука во преработката на производи од млеко и месо“ на Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и средното општинско училиште „Кочо Рацин“ од Свети Николе, заедно со шест претпријатија. Со средствата ќе се изгради и опреми современ Центар за обука за преработка на млеко и месо, ќе се изработат наставна програма и материјали за учење, со што ќе бидат поддржани две квалификации: Млекопреработувач и Преработувач на месо и месни производи.
На настанот се обрати и министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, која изрази задоволство што образованието и бизнис заедницата продолжуваат да создаваат можности за младите и да градат конкурентен човечки капитал.

„Во Македонија, со гордост говориме за успешноста на моделот на дуално образование, во рамки на средното стручно образование. Во овој грант се препознаваат сите негови добри практики - можноста за партнерство меѓу средни училишта и факултетите, активната улога на компаниите, вклученост на стопанските комори, практичната обука на учениците со ментори, како и соработка со меѓународни партнери. Заедничка цел е директно решавање на структурните предизвици на пазарот на труд, како што се младинската невработеност и недостигот на вештини, како и зголемување на конкурентноста на локалните компании“, рече Јаневска.
Потенцираше дека Министерството за образование и наука засилено ги спроведува реформите во образованието. Согласно Реформската агенда, до декември 2026 година државата има обврска да стигне до бројка од 700 компании вклучени во дуалното образование. Веќе сега таа бројка е надмината и над 800 компании се вклучени во стекнување практично знаење на учениците директно кај работодавач. И, како што рече Јаневска, оваа бројка дополнително ќе расте, затоа што компаниите го гледаат бенефитот од учеството во квалитетното образување кадри според свои потреби.

„Учениците исто така ја препознаваат предноста да влезат на пазарот на труд или во високото образование подготвени не само со теоретско, туку и со практично знаење од конкретни работни места, и затоа и бројот на ученици во дуалните паралелки во средните стручни училишта, од година во година е се поголем. Во стручно образование се запишани 66% од средношколците. Од нив, околу 30% се запишани во дуално образование“, информираше министерката.
Заблагодарувајќи се на меѓународните партнери во стручното образование, за континуираното вложување во негово подобрување, нагласи дека со новиот Закон за високото образование, што наскоро ќе биде пред пратениците, дуалното образование се издигнува на ниво на високото образование. Се дава можност практичната настава во задолжителните наставни предмети, за подрачјата каде што е тоа применливо, да се изведува како дуално образование под менторство на стручни лица од реалниот сектор и ментор од соодветната студиска програма на универзитетот.
Регионалниот фонд за предизвици е финансиска институција која има за цел зголемување на конкурентноста на претпријатијата во Западен Балкан 6 преку финансирање инвестиции во опрема и инфраструктура за проекти за дуално и стручно образование изработени во партнерство на установи за стручно образование и претпријатија. Грантовите се доделуваат по пат на конкурентен регионален предизвик.
Германското сојузно министерство за економска соработка и развој додели 73,4 милиони евра на РЦФ, а швајцарската влада застапувана од страна на Швајцарската агенција за соработка и развој - кофинансираше дополнителни 10 милиони евра. Средствата беа доделени на Германската развојна банка, а реализирани од страна на Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан 6, како заедничка иницијатива на стопанските комори од регионот. Фондот е имплементиран од страна на консталтинг конзорциуми.
По четири отворени повици, Регионалниот фонд за предизвици се обврзува да поддржи вкупно 17 проекти со 91 партнер претпријатие во Македонија во износ од 7,63 милиони евра. На четвртиот повик за предлог проекти, пристигнаа 187 изјави на интерес од земјите на Западен Балкан, од кои 14 беа од Македонија. Комисијата за избор одлучи да финансира еден најуспешен проект од Македонија со вкупен износ од 495,350 евра.