Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Во основните училишта се испорачуваат прирачници против врсничко насилство

Во основните училишта се испорачуваат прирачници против врсничко насилство

Прирачниците за справување со врсничкото насилство, изработени како дел од општествено одговорната кампања на „Макпетрол“ – „Крени глас против врсничко насилство“, во соработка со Министерството за образование и наука се испорачуваат до сите основни училишта во државата. Целта е да се обезбеди практична поддршка за наставниците, стручните служби, учениците и за родителите при справувањето со оваа негативна појава.

Денес прирачникот беше поделен помеѓу вработените во основното училиште „Гоце Делчев“ во општина Центар, од страна на државниот секретар во Министерството за образование и наука, Елена Ивановска и психологот Деспина Стојановска, која го изработи прирачникот врз основа на искуствата од едукативните работилници кои ги предводеше во рамките на кампањата, а истите се одржаа во повеќе од 150 училишта и присуствуваа над 18 илјади ученици.

„Овој прирачник е навистина содржаен, со јасни пораки и насоки за справување со ситуации во кои е детектирано врсничко насилство. Ценам дека ќе биде корисна алатка за наставниците и за стручните соработници во училиштата за надминување на предизвиците од ваков тип и за градење на мирна училишна средина во која ќе има толеранција и разбирање меѓу младите“, рече Ивановска, изразувајќи благодарност до компанијата „Макпетрол“ за успешната имплементација на кампањата и за издавањето на прирачникот.

Психологот Стојановска посочи дека прирачникот не е создаден само врз основа на теорија, туку пред сè, врз основа на директна работа со учениците.

Во текот на работилниците имавме можност одблизу да слушнеме како децата размислуваат, како комуницираат, со какви предизвици се соочуваат и што им е потребно за да се чувствуваат побезбедно во училишната средина. Токму затоа, прирачникот е замислен како практична алатка што ќе им помогне на наставниците, психолозите, педагозите и на другите вработени во училиштата полесно да го препознаат врсничкото насилство и поефикасно да реагираат“, изјави Стојановска.

Прирачникот на „Макпетрол“ е одобрен од Бирото за развој на образованието и Министерството за образование и наука и освен на македонски, објавен е и на албански, турски, српски и на босански јазик.

Мени за пристапност