Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

МОН: Честит 5 Мај – Денот на македонскиот јазик!

МОН: Честит 5 Мај – Денот на македонскиот јазик!

Министерството за образование и наука го честита 5 Мај – Денот на македонскиот јазик. На овој ден со гордост се потсетуваме на 5 мај 1945 година, кога е озаконета азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква. Како еден од темелите на македонскиот идентитет, македонската азбуката се надоврзува на претходната писмена традиција, а таа пак на живиот збор на Македонците што се пренесувал од поколение на поколение, пред да биде запишан.

Духовното и културното наследство на македонскиот народ е овековечено во дела кои се цивилизациска вредност а се напишани на македонски јазик и секоја генерација ја збогатува ризницата, чувајќи го јазикот жив, како најголемо национално богатство.

За ова богатство, Министерството за образование и наука обезбедува институционална грижа преку наставните програми, учебниците, научните истражувања и културните политики, почнувајќи од описменување на учениците сѐ до научна разработка на различни јазични аспекти. Го поттикнуваме интересот на студентите за академско изучување на македонскиот јазик и книжевноста и за оваа цел доделуваме стипендии за стимулирање на средношколци за упис на прв циклус на студии (линк до конкурс), но и стипендии за втор и за трет циклус на студиските програми по македонски јазик.

Ги охрабруваме учениците да творат на македонски јазик и за тоа ги наградуваме, а за капитални научно-истражувачки проекти поврзани со македонскиот јазик, издвојуваме буџетски средства. Ангажираме лектори на странски универзитети и ја јакнеме улогата на лекторатите да го негуваат и шират македонскиот јазик помеѓу нови потенцијални говорители и да ја одржуваат високо свеста на македонската популација која живее надвор од границите на Македонија.

Чувањето на јазичното наследство е долг на сите нас, тоа не е само институционална обврска, туку и лична одговорност. Во секој од нас треба да одекнуваат Мисирковите зборови дека „свеста и чувството дека сме Македонци кои зборуваат македонски јазик треба да стојат повисоко од сè друго на светов“.

Мени за пристапност