Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Со поголема академска соработка, малите држави од Западен Балкан можат да го отклучат големиот регионален потенцијал

Со поголема академска соработка, малите држави од Западен Балкан можат да го отклучат големиот регионален потенцијал

Регионалната конференција „Мостови кон иднината: Интернационализација на високото образование на Западен Балкан и Југоисточна Европа“  имаше јасна цел: да ја постави академската соработка како стратешки приоритет за регионот и да ги позиционира шесте држави повисоко во европските и глобалните мрежи на високото образование, зголемувајќи ја нивната видливост и влијание. Тоа е важно затоа што се соочуваме со реални демографски предизвици кои бараат нови модели за привлекување и задржување студенти и кадри. Недостатокот на вештини и иселувањето на талентите не можат да се решаваат изолирано, туку преку мобилност, циркулација на идеи и, пред сè, преку заеднички решенија.

Ова го нагласи министерката за образование и наука Весна Јаневска на затворањето на конференцијата, на која во изминатите два дена беа презентирани бројни идеи,  искуства и насоки за унапредување на интернационализацијата и засилување на регионалната соработка во делот на високото образование.

Беше потенцирана важноста на инвестирањето во знаење, иновации и врски со индустријата, како и усогласување на студиските програми со потребите на пазарот на труд, како основа за создавање конкурентен и иновативен систем на високо образование.

„Ние сме мали држави во регион со огромен потенцијал. Зголемените вложувања во високото образование, засновани на регионална соработка и размена на искуства во рамки на европските мрежи и иницијативи, но и пошироко, ќе ни помогнат да споделуваме ресурси, да креираме заеднички проекти и да изградиме хабови за иновации кои ќе го забрзаат економскиот и општествениот развој на сите нас“, рече Јаневска.

Во следниот период претстои сумирање на сугестиите и предлозите, како и нивно преточување во приоритети и конкретни мерки кои ќе го придвижат регионот кон поголема мобилност, соработка и иновации.

Мени за пристапност