По две и пол години интензивен ангажман на Владата, на Министерството за образование и наука, со поддршка од Европската Унија и Германската развојна банка, интензивна работа на австрискиот изведувач „Штрабаг“, конечно Македонија и македонските студенти го добиваат најсовремениот студентски дом – „Стив Наумов“ во населбата Автокоманда во Скопје. Денес објектот го посетија премиерот проф. д-р Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, евроамбасадорот Михалис Рокас, германската амбасадорка Петра Дрекслер и претставници на Германската развојна банка – KFW.
„Пресреќна сум што сите заедно, им ги овозможивме овие модерни згради на младите во главниот град кои имаат потреба од државни капацитети за сместување додека судираат. Од руинирани објекти, дел изградени во 1964 година, дел во 90тите години, кои години наназад беа симбол на негрижа и нехуманост, извор на загадување, денес имаме објекти трансформирани до непрепознатливост - модерни со високо ниво на енергетска ефикасност, со најсовремена опрема и технологии што ги задоволуваат сите највисоки стандарди за градба и опремување на објекти од ваков вид во Европската Унија“, рече Јаневска.
Нагласи дека расположливиот капацитет е за 1150 студенти, а голем дел од тие кои аплицираа на конкурс и добија соба во овој дом се веќе сместени и спокојно можат да ја започнат новата академска година од утре - без грижи дали некаде протекува вода, дали ќе биде ладно, дали има топла вода во тоалетите и влага по ѕидовите. Им порача одговорно да ги користат просториите, затоа што, како што рече – ова е јавно добро и од нив зависи колку следни генерации ќе го користат и исто така ќе бидат задоволни што се тука.
Јаневска информираше дека многу скоро ќе се отвори уште еден целосно реконструиран студентски дом – „Кузман Јосифовски - Питу“ во Центар, кој ќе обезбеди уште 280 места за студентите.
За овие два дома, се вложени 20 милиони евра, а финансиската конструкција е креирана од страна на Владата, на Германската развојна банка и Европската унија.
Оваа инвестиција е дел од поширока програма која предвидува реконструкција на 9 државни студентски домови, 6 училишта со ресурсни центри за ученици со посебни потреби и еден ученички дом. Вкупната инвестиција ќе чини 86 милиони евра, од кои 60 се заем од Германската развојна банка под исклучително поволни услови, 22 милиони се неповратни грантови од ЕУ и околу 4 милиони евра се од буџетот на МОН.
„Вложуваме онаму каде е нотирано дека е најпотребно – во инклузијата на образовниот систем и во студентскиот стандард“, додаде министерката за образование и наука.