Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Јаневска: Ја подигнуваме инклузивноста со најмногу образовни асистенти досега, стручен кадар и асистивна технологија

Јаневска: Ја подигнуваме инклузивноста со најмногу образовни асистенти досега, стручен кадар и асистивна технологија

Меѓународниот ден на белиот стап е можност да се потсетиме до каде сме стигнале, како општество, во нашата обврска на секое дете да му овозможиме да ги реализира своите соништа, таленти и потенцијали. Оваа Влада вети дека ќе ја подигне инклузивноста на воспитно-образовниот систем во целина, и тоа го правиме, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска на одбележувањето на Меѓународниот ден на белиот стап што се одржа во Собранието, во организација на Интерпартиската парламентарна група за правата на лицата со попреченост и Зета – организација за попреченост и правда, во соработка со Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ и Националниот сојуз на слепи.

Посочи дека оваа учебна година се ангажирани најголем број образовни асистенти досега: 1.602 во основните училишта низ државата и 176 во средното образование. Во тек е и постапка за ангажирање на дополнителен број на стручни лица за образовна асистенција.

„Во насока на подигнување на инклузивноста е и јакнењето на стручните служби во училиштата, преку ангажирање на потребен кадар. Паралелно ја подобруваме пристапноста во училишните објекти преку поставување рампи и тоалети за учениците со посебни потреби. Воведовме две нови категории студентски стипендии наменети за студенти со попреченост и со ретки болести“, додаде министерката.

Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“, од минатата година функционира како ресурсен центар и таму работат специјални едукатори и рехабилитатори, наставници и стручни лица кои се обучени за образование на овие ученици со посебни образовни потреби.

„Оваа учебна година, во ова единствено училиште на ниво на државата, се запишани повеќе ученици отколку лани. Тоа говори за препознавањето на квалитетот на воспитно-образовната работа, можноста за добивање соодветна стручната помош и раст на довербата што родителите ја имаат во институцијата“, укажа министерката Јаневска.

Училиштето е опремено со најсовремена асистивна технологија, со заеднички ангажман и во соработка со општествено одговорни компании, што како практика треба да продолжи, затоа што многу е важно децата со посебни образовни потреби да имаат пристап до најновите алатки и технолошки решенија кои ќе им овозможат полесно учење, поголема самостојност и порамноправно учество во образовниот процес и во секојдневниот живот.

„Ограничените ресурси се главната пречка за подобри услови за квалитетна настава, но, тоа може да се надомести со поквалитетни обуки, подобра комуникација меѓу сите чинители и секако со стратешко унапредување на инклузивниот образовен систем“, додаде министерката Јаневска, нагласувајќи ја потребата за подигнување на јавната свест дека попреченоста не ја определува личноста и дека треба да градиме општество во кое секој млад човек ќе добие шанса за избор на сопствена иднина.

Мени за пристапност