Заменик министерот за образование и наука Дритон Сулејмани денес во кампусот на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово учествуваше на панел дискусија посветена на креирање политики за задржување на младите и остварување на личните амбиции во сопствената земја.
На тема „Дипломата не е доволна: како да го претвориме образованието во реална можност за иднината тука?“, Сулејмани рече дека од 2024 година Министерството за образование и наука презема конкретни чекори за приближување на образованието до потребите на пазарот на трудот.

Посочи дека проширувањето на стручното и дуалното образование, соработката со компаниите за стекнување практично искуство, стипендиите за учениците и студентите, како и поддршката за развој на професионалните и дигиталните вештини се дел од напорите да им се овозможат на младите повеќе можности за градење на нивната иднина тука во Македонија
„Свесни сме дека дипломата сама по себе не е доволна. На младите им се потребни практично искуство, работни места што одговараат на нивните квалификации, можности за напредување и средина во која се вреднуваат трудот, знаењето и меритократијата“, рече заменик министерот.
Задржувањето на младите во земјата бара континуирана соработка меѓу образовните институции, Владата, приватниот сектор и самите млади. Покрај реформите во образованието, потребни се и економски политики што ќе создаваат квалитетни работни места, достоинствени плати и перспективи за професионален и личен развој.

„Од младите не треба само да бараме да останат. Треба да им создадеме причини да останат, да работат, да иновираат и да ја градат својата иднина во сопствената земја. Дијалогот со младите треба да продолжи и да се претвори во политики и опипливи резултати“, додаде Сулејмани.