Научното дело „Континуитетот на македонскиот јазик“ (приказ на лексиката меѓу Слепченскиот патерик, Огледало и Различна поучителна наставленија) ја доби државната награда „Гоце Делчев“ за 2026 година. Наградата беше доделена денес во македонското Собрание, а на церемонијата се обрати и министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска.

„Ова дело се вбројува меѓу оние што анализираат клучни лингвистички прашања за македонскиот јазик и неговиот лексички фонд. Ја обработува врската помеѓу старите текстови и современиот македонски јазик, односно систематски ја документира неговата еволуција, ја анализира структурата и употребата, и ја истакнува неговата улога како носител на културниот и националниот идентитет“, рече Јаневска, упатувајќи честитки до авторите - проф. д-р Соња Новотни и проф. д-р Михајло Марковиќ.

Министерката истакна дека во време на брзи промени и глобални предизвици, научната работа е најсилен аргумент за опстојување и напредок. Во таа насока, Владата има должност да ја поттикнува научната дејност, истражувањата и иновациите, кон кои, во изминатите две години третманот е значително променет.

„Предложивме нова Национална програма за научно-истражувачка дејност. Буџетот за наука го зголемуваме две години по ред, па така од 380 милиони денари во 2024 година, во 2026 имаме над 770 милиони денари од кои најголем дел за финансирање на научно-истражувачки проекти од национален интерес. Лани поддржавме 7 проекти на јавните научни установи и 45 проекти на државните универзитети, факултети, научни институти, МАНУ и на бизнис заедницата. Секој проект се финансира до 8 милиони денари, со исплата според однапред утврдена динамика, а имплементацијата мора да заврши најдоцна до 31 октомври годинава“, додаде министерката.

Информираше дека наскоро во законодавниот дом пред пратениците ќе се најде и новиот Предлог закон за научно – истражувачка дејност, заедно со предлог законите за високо образование и за обезбедување на квалитет во високото образование, кои исто така имаат стимулирачки компоненти за оние кои работат во науката.
Базите на Web of science и SCOPUS станаа бесплатно достапни за сите научници и истражувачи од јавните високообразовни и научни установи, а меѓународните програми за наука, како Хоризонт, останаа отворени за нашата земја.

„Апелирам при одредување на приоритети во делувањето, во фокусот на нашите научници да бидат целите од Стратегијата за паметна специјализација на државата. Тие ќе бидат и институционални цели“, нагласи Јаневска.
Со државната награда „Гоце Делчев“ се оддава општествено признание за особено значајни остварувања во областа на науката. За Јаневска, да се прими ова признание, значи да се застане во истиот ред со првиот добитник Блаже Конески, но и да се преземе одговорноста за иднината. На сите кандидати за наградата, кои присуствуваа на доделувањето им порача дека токму тие се патоказот за младите генерации истражувачи кои допрва ќе ја градат својата и нашата заедничка иднина врз темелите на фактите и вистината.