Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

МОН: Со превенција и јасни насоки за постапување против насилство градиме побезбедни училишта

МОН: Со превенција и јасни насоки за постапување против насилство градиме побезбедни училишта

Oбразовниот систем има клучна улога во рана превенција и препознавање на насилство вклучително и семејно насилство. Во последниот период, државата направи значајни чекори за зајакнување на безбедноста во училиштата, при што фокусот се префрли од реактивен пристап кон превентивен систем. Тоа значи дека наместо да се реагира само кога ќе се случи проблем, сè повеќе се работи на тоа тој да се спречи навреме.

Ова го нагласи државниот секретар во Министерство за образование и наука Елена Ивановска, на надзорната расправа организирана од собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите, на тема „Спроведување на законите, политиките и институционалните мерки за превенција и заштита од семејно насилство, од аспект на еднаквите можности, институционалната координација, предизвиците и можностите за унапредување на ефикасноста на постапувањето на органите на извршната власт".

Училиштата имаат јасни насоки за постапување при случаи на насилство, а паралелно со тоа, се засилува и улогата на стручните служби во училиштата, психолозите и педагозите, како клучни актери во раното препознавање на ризично однесување и обезбедување психосоцијална поддршка на учениците.

„Клучна улога има развојот на наставните програми. Значаен акцент е ставен на интегрирање на содржини поврзани со животни вештини, емоционална писменост, ненасилна комуникација и човекови права. Со тоа, учениците не само што стекнуваат знаење, туку учат и како да се справуваат со конфликти и како да градат здрави односи“, рече Ивановска.

Во практичното постапување при случаи на насилство, на училиштата и стручните служби им помагаат стручните прирачници и упатствата кои ги изработува и ажурира Бирото за развој на образованието. Посебно значајни се обуките за наставниците, со цел јакнење на нивните компетенции за препознавање на насилство, комуникација со ученици во ризик и соработка со родителите и институциите. Ова директно придонесува за поголема чувствителност и подготвеност на образовниот кадар.

Министерството за образование и наука ја засилува мултисекторската соработка, со центрите за социјална работа и другите надлежни институции, со цел навремена заштита на децата во ризик.

Предизвици сѐ уште има, посебно во делот на унифицирана примена на протоколите и доволни човечки ресурси во училиштата, но насоката е јасна: системот се движи кон посилна превенција, подобра координација и поголема заштита на учениците. Ваквиот пристап активно придонесува кон градење на побезбеден образовен систем, каде училиштето не е само место за учење, туку и простор за заштита, поддршка и развој на секое дете.

Мени за пристапност