Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Македонија се приклучи кон одбележување на Европската ноќ на истражувачите 2026

Македонија се приклучи кон одбележување на Европската ноќ на истражувачите 2026

Македонија оваа година се приклучи кон одбележување на Европската ноќ на истражувачите, што се реализира преку акциите „Марија Склодовска - Кири“ од програмата Хоризонт Европа. Целта на иницијативата е подигнување на свеста за важноста на науката, која претставува еден од столбовите на севкупниот развој на општеството и на светот во целина. 

 

Иницијативата ја поттикнаа три државни универзитети „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје, Гоце Делчев“ – Штип, „Св. Климент Охридски“ – Битола, Македонската академија на науките и уметностите, Македонско еколошко друштво и Националниот центар за развој на иновации и претприемничко учење, а поддржана е од Министерството за образование и наука и Стопанската комора.

 

На настан на Машинскиот факултет во Скопје, кој е дел од програмата за одбележување на Европската ноќ на истражувачите, министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска изрази задоволство што земјата дава придонес кон глобалната промоција на научно - истражувачката дејност, истакнувајќи дека за Владата вложувањата во оваа област се висок приоритет во работната програма.

 

„Ако во 2024 година затекнавме буџет од 380 милиони денари за наука, минатата обезбедивме 680 милиони денари, а оваа имаме 773 милиони денари за поддршка на научно истражувачките установи, академската и научната заедница во нашата држава.

Ќе потсетам дека лани финансиравме 50тина научно истражувачки проекти на универзитетите, на МАНУ и бизнис заедницата кои се во согласност со целите на Стратегијата за паметна специјализација на државата, а обезбедивме и бесплатен пристап до научните бази на „Web of science“ и „Scoopus“. Имаме првичен концепт за отворање на државен научно 0 технолошки парк. Изработивме и нови законски решенија за високо образование и научно – истражувачка дејност кои се надевам дека ќе го поминат собранискиот филтер набргу“, рече Јаневска.

 

Нагласи и дека во изминатиот период министерството се позанимава со одредени таканаречени приватни научни институти кои всушност не делуваа во научни области, а се водеа како такви во официјалните регистри, за да им се даде простор на оние што навистина веруваат во моќта на науката.

„Остануваме посветени на оваа агенда и верувам дека научно – истражувачката дејност ќе се развива, ќе се популаризира помеѓу младите и ќе остане столб на националниот просперитет“, додаде Јаневска.

 

Настанот на Машинскиот факултет во Скопје предвидува да се одржат повеќе работилници, лабораториски посети, презентации, изложби на студентски и научноистражувачки проекти, како и други интерактивни активности.

Мени за пристапност