Поради безбедноста на нашите деца, а секако и поради целокупната сигурност во државите и светот воопшто, потребно е да се фокусираме на градењето отпорни општества. За тоа, треба да има поголема меѓународна соработка, силно меѓуинституционално и академско делување, но и јавно-приватно партнерство кое ќе развива системи со вградена безбедност и паметна технологија во служба на човекот, каде технологијата ги засилува нашите капацитети, но не ја заменува одговорноста.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на отворањето на 17-тата меѓународна конференција на тема „Безбедност 2030: Ера на паметни технологии, отпорни општества – ризици и предизвици“, во организација на Факултет за безбедност при Универзитетот „Св. Климент Охридски“.
„Како што чекориме кон иднината, границата помеѓу физичкиот и дигиталниот свет, речиси целосно исчезнува. Вештачката интелигенција и паметните мрежи стануваат ткиво на нашите градови, економии, образование, здравство и инфраструктура. Оваа трансформација носи огромни можности, но и поголеми предизвици - проширени сајбер закани, дезинформации и заштита на приватност“, рече Јаневска, додавајќи дека токму ризиците наложуваат вкрстување на ингеренциите на Министерството за образование и наука, Министерството за внатрешни работи и високообразовните и научните установи за безбедност и информатика.
Јаневска нагласи дека Министерството за образование и наука може да ги заштити децата од ризиците од паметните технологии само во координиран пристап со МВР, Министерството за дигитална трансформација и со академската и научна заедница.
„На поддршката која ја добиваме при едукацијата и заштита на младите, но и на наставниците, возвраќаме со поддршка во јакнење на системот за создавање безбедносни кадри. Го возобновивме средното полициското училиште, ја поттикнуваме модернизација на студиските програми на факултетите за безбедност и информатика, а вложуваме и во науката во овие сфери, преку финансирање на научно – истражувачки проекти од национален интерес“, додаде министерката.
На конференцијата учествуваа претставници на експертската заедница, на академската и научната фела од земјата и странство, а воведни обраќања имаа и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и деканот на Факултетот за безбедност, проф. д-р Јонче Ивановски.