Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

ЈАВЕН ОГЛАС за избор на рецензенти кои ќе ги оценуваат резултатите на прифатените научно-истражувачките проекти, по објавениот Конкурс за заеднички научно - истражувачки проекти помеѓу Северна Македонија и Австрија, за периодот 2023 - 2025 година

Министерство за образование и наука Министерство за образование и наука

Врз основа на член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/00, 44/02, 82/08, 167/10 и 51/11 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/19, 110/19, 154/19 и 121/24), а согласно член 11, 12, 13 и 14 од Правилникoт за начинот и постапката за финансирање на научно – истражувачките проекти односно програми („Службен весник на Република Македонија“ бр. 82/09, 149/09, 34/11 и 129/13), Конкурсот бр. 20-1234/2 од 18.09.2025 година за заеднички научно – истражувачки проекти помеѓу Северна Македонија и Австрија за период 2023 – 2025 година, објавен врз основа на Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Австрија за научна и технолошка соработка од 1.11.2008 година и Договорите за финансирање на македонско – австриски научно – истражувачки проекти, склучени помеѓу Министерство за образование и наука и носителите на прифатените проекти, согласно Конкурсот за заеднички научно – истражувачки проекти помеѓу Северна Македонија и Австрија за период 2023 – 2025 година и Решение бр.20-3403/1 од 26.02.2026 година за објавување на Јавен оглас за избор на експерти - рецензенти кои ќе ги оценуваат резултатите (завршниот извештај за работата на проектот) на прифатените научно-истражувачките проекти по објавениот Конкурс за  заеднички научно - истражувачки проекти помеѓу Северна Македонија и Австрија, за периодот 2023 - 2025 година, министерката за образование и наука распишува

 

ЈАВЕН ОГЛАС 

за избор на експерти - рецензенти кои ќе ги оценуваат резултатите (завршниот извештај за работата на проектот) на прифатените научно-истражувачките проекти, по објавениот Конкурс за  заеднички научно - истражувачки проекти помеѓу Северна Македонија и Австрија, за периодот 2023 - 2025 година  

 

Министерството за образование и наука, од пријавените кандидати, ќе изврши избор на експерти- рецензенти кои ќе ги оценуваат резултатите (завршниот извештај за работата на проектот) на прифатените научно-истражувачки проекти, по објавениот Конкурс за заеднички научно - истражувачки проекти помеѓу Северна Македонија и Австрија, за периодот 2023 - 2025 година (во понатамошниот текст: експерти - рецензенти).

Експертите - рецензентите треба да бидат со научно, односно наставно-научно звање од соодветното научно-истражувачко подрачје, поле, односно област на истражување.

Предност ќе имаат експертите - рецензентите кои имаат меѓународно искуство и научни трудови објавени во последните пет (5) години, пред објавување на Јавниот оглас за рецензенти, во списание со фактор на влијание, реферирани во базите на Thomson Reuters или Scopus.

Пријавените експерти - рецензенти треба да бидат од следниве научно-истражувачки области, од Класификацијата на научно-истражувачките подрачја и полиња, според Меѓународната Фраскатиева класификација и Уредбата за утврдување на Научно – истражувачките полиња од трето ниво (области) („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 91/2024), и тоа:

-  1.01.00.01 Математика

-  1.01.00.04 Геометрија

-  1.02.00.01 Компјутерски науки

-  1.03.00.03 Теориска физика

-  1.04.00.05 Физичка хемија

-  1.06.00.06 Ботаника

-  1.06.00.14 Микологија

-  2.02.00.14 Компјутерски технологии и инженерство

-  2.02.00.15 Компјутерско инженерство, информатика и роботика

-  2.02.00.19 Обновливи извори на енергија

-  2.05.00.03 Метални материјали

-  4.03.00.12 Болести на риби, пчели и дивеч

-  4.03.00.14 Паразитни болести

-  5.02.00.01 Економија

-  5.02.00.04 Дигитален бизнис

-  5.02.00.08 Туризам и угостителство

-  6.01.01.01 Историја на Македонија

-  6.01.01.02 Историја на Балканот

-  6.01.01.06 Историја на Балканот во средниот век

-  6.01.01.15 Културна историја

-  6.01.01.16 Византологија

-  6.01.02.03 Античка архелогија

-  6.01.02.06 Средновековна архелогија

 

Право на пријавување на Јавниот оглас имаат и експерти -рецензенти кои се од научно-истражувачко подрачје или поле на кои им припаѓа некоја од погоре наведените научно-истражувачки области.

Доколку нема пријавени експерти - рецензенти од погоре наведените научно-истражувачки области, ќе може да се изберат рецензенти од научно-истражувачко поле на кое му припаѓа некоја од погоре наведените научно-истражувачки области, а доколку нема пријавени експерти -рецензенти од соодветно научно-истражувачко поле, ќе може да се изберат експерти - рецензенти од научно-истражувачко подрачје на кое му припаѓа  некоја од погоре наведените научно-истражувачки области.

Избраните експерти - рецензенти, резултатите од Завршниот извештај за работата на проектот, доставен до Министерство за образование и наука, од страна на носителот на прифатениот научно – истражувачкиот проект, согласно Конкурсот за  заеднички научно - истражувачки проекти помеѓу Северна Македонија и Австрија за периодот 2023 - 2025 година, ќе го оценуваат врз основа на следните критериуми:

Ø  Придонес на проектот во продлабочувањето и проширувањето на научните знаења;

Ø  Оригиналност на целите и содржината на предметот на истражувањето;

Ø  Компетентност и оригиналност на главниот истражувач и истражувачкиот тим;

Ø  Придонес во оспособувањето на млади истражувачи;

Ø  Релевантност на проектот на целите на истражувањето;

Ø  Конкуретност за меѓународна соработка;

Ø  Остварливост/оправданост на проектот (финансиска конструкција); и

Ø  Можности за примена на резултатите.

Секој од наведените критериуми за оценување, експертите - рецензентите го вреднуваат со оценка од еден (1) (најмала вредност) до пет (5) (најголема вредност). Завршниот извештај за работата на проектот е позитивно оценет доколку добил средна оценка најмалку три запирка пет (3,5).

Министерството за образование и наука, врз основа на оценките на експертите - рецензентите, ке донесе конечна одлука дали Завршниот извештај доставен од страна на носителот на прифатениот научно – истражувачки проект е оценет позитивно или не.

Висината на средствата за надомест за работата на експертите – рецензентите изнесува 6.000 денари, во вкупен нето износ, по рецензиран проект.

Кандидатите за експерти - рецензенти пополнуваат електронска пријава и ја прикачуваат соодветната документација, утврдена во овој Јавен оглас за избор на експерти - рецензенти, на интернет платформата https://e-uslugi.mon.gov.mk, и тоа: 

- Кратка биографија -  СV (Општи податоци за кариерен развој, учество на конференции и други настани од научен карактер, меѓународно искуство во делот на истражување, евулуација на проекти, објавени трудови во научни списание во државата и пошироко и сл.);

Изјава за обработка на лични податоци;

Изјава од експерт – рецензент.

 

Во постапката за оценување на резултатите (Завршниот извештај за работата на проектот) на прифатените научно-истражувачките проекти, по објавениот Конкурс за заеднички научно - истражувачки проекти помеѓу Северна Македонија и Австрија за периодот 2023 - 2025 година, експертите - рецензентите треба да се придржуваат кон професионалните и етичките норми (објективност, непристрасност и одбегнување на судир на интереси).

Некомплетни или ненавремено доставени електронски пријави нема да бидат разгледувани.

Краен рок за доставување на електронската пријава, со прикачената соодветна документација на интернет платформата https://e-uslugi.mon.gov.mk е 12.03.2026 година (четврток).

Мени за пристапност