Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Јаневска на Саем за образование и кариера во организација на Студентарија

Јаневска на Саем за образование и кариера во организација на Студентарија

Министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска присуствуваше на отворањето на Саемот за образование и кариера 2026, што трета година по ред го организира студентската иницијатива Студентарија во соработка со Скопје Сити Мол. Во своето обраќање преку присутните посочи дека станува збор за одлична идеја за промоција на македонското високо образование и за поврзување на високообразовните установи со компаниите и бизнис секторот, а со крајна цел – олеснување на младите во изборот на областа каде ќе се надградуваат и работат.

 

„Гледам млади луѓе во голем број – средношколци кои треба да одлучат на крстопатот во кој правец ќе се движат, студенти кои ќе продолжат да се надградуваат, а некои се во потрага по можности за вработување и кариера во сопствената земја. Од друга страна, има и компании кои им ги нудат тие можности на младите и јас во оваа прилика ги повикувам и сите останати да ги отворат вратите, да ги подобруваат материјалните и нематеријалните услови за работа, бидејќи само така ќе ги задржиме во нашите граници и ќе им овозможиме да успеат лично и да придонесат за нејзиниот развој“, рече Јаневска.

 

Министерката посочи дека верува во подобра иднина за македонското високо образование, а тоа е цел за која Владата интензивно се заложува во досегашниот тек на мандатот.  

 

„Ќе ја постигнеме оваа цел преку континуиран раст на буџетот и преку усвојување и спроведување на ново законско решение, кое е во фаза на подготовка во заедништво со универзитетите и пошироката јавност. Истиот ќе воспостави ред, нови студиски програми, модернизација на постојните, поголема меѓународна соработка, подобар студентски стандард и раздвижување на научната дејност“, додаде Јаневска. 

 

Изрази очекувања дека саемот ќе прерасне во традиција и ќе биде успешен затоа што, како што рече, се работи за иницијатива на млади луѓе од Македонија кои ја сакаат државата, и се посветуваат за подобрување на состојбите во својата татковина и на задржување на новите генерации во овие граници.  

Мени за пристапност