Со „Еразмус штафета - кутија во движење“, Националната агенција за европски образовни програми и мобилност ја започна агендата за одбележување на Еразмус денови 2025. Учениците и наставниците од основното училиште „Ацо Шопов“ во Бутел кои веќе ги искусиле придобивките од учеството во оваа европска образовна програма преку проект за мобилност, се првите што симболично во кутијата ќе ги остават своите пораки и препораки за да стимулираат нови корисници на програмата. Откако кутијата ќе ги заобиколи училиштата во државата, сите писма ќе бидат јавно објавени.
На отпочнувањето на активноста присуствуваше министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска која изрази задоволство што по повеќе години во кои кредибилитетот на Националната агенција беше доведен во прашање, поради констатирани нерегуларности во работењето, доаѓа период во кој оваа институција започнува нормално да функционира.
„Довербата е вратена, одобрени се средства од ЕУ за финансирање на проекти во рамки на Еразмус програмата за 2025 година, за која пак, интересот е значително пораснат. Тоа се гледа од фактот дека годинава за над 100% е зголемен бројот на апликации за проекти за мобилности на ученици и наставници во рамки на Еразмус, споредбено со лани. Ако во 2024 беа поднесени 150тина апликации, годинава се поднесени над 300“, рече Јаневска.
Информираше дека договори ќе бидат потпишани за 161 проект во вредност од околу 7 милиони евра и тоа претежно од областа на инклузијата, нови методи на учење и подучување, дигитална трансформација и демократија, а ќе бидат опфатени 270 институции и организации од Македонија.
Директорката на Националната агенција, Ана Михајлов рече дека е задоволна од сработеното во изминатите два месеци, а најважно е што се откочени процесите кои беа доведени во прашање во изминатите неколку години.
„Веќе ги добивме средствата од ЕУ и ќе издвојам дека оваа година партнери на нашите институции, организации и училишта во реализација на проектите се сродни институции и организации од земји како Италија, Шпанија и други од ЕУ, за разлика од порано кога најчесто вмрежувањето беше со земји од Западен Балкан. Секако и натаму се негува регионалната соработка, но добро е што одиме и малку пошироко во Европа“, рече Михајлов.
Директорката посочи дека оваа година ќе има 600 мобилности повеќе споредбено со лани, што значи зголемен број учесници и корисници на придобивките од Еразмус.