Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Ивановска: на младите готвачи им обезбедуваме квалитетно знаење и поддршка за да останат и градат кариера во Македонија

Ивановска: на младите готвачи им обезбедуваме квалитетно знаење и поддршка за да останат и градат кариера во Македонија

Готвачи со меѓународна репутација, од регионот и Европа, од 12 до 17 октомври одржуваат мастер-клас во Струмица, на кој учествуваат ученици и студенти по угостителство. Државниот секретар во Министерството за образование и наука, Елена Ивановска рече дека ова е за нив добра можност да учат од најдобрите и да стекнат не само готвачки вештини, туку и дисциплина, креативност и сѐ она што ги одликува добрите готвачи.

„Во рамки на реформата за поквалитетно образование, наша заложба е секое дете да добие можност да ги развие своите потенцијали. Младите кои одлучуваат стручно да се квалификуваат за готвачи, во рамки на дуалното образование, покрај теоретските знаења имаат можност и за практична работа а достапна е и поддршка во форма на стипендии“, посочи Ивановска.

На мастер-класовите младите добиваат практични знаења и Ивановска се заблагодари на Гастромак и на другите општествено-одговорни субјекти за поддршката што им ја даваат на учениците во угостителските училишта. 

Готвачката професија, кулинарството и гастрономијата се сè поатрактивни во Македонија, каде што традиционалните јадења, локалните состојки и техники на приготвување храна се препознаваат како стратешки ресурс во рамки на националната Стратегија за паметна специјализација. Затоа, како што нагласи Ивановска, значајно е да се вложува во образованието на овие млади амбасадори на Македонија, кои ќе ги научиме и обучиме преку храната да раскажуваат за непресушните убавини на земјата и да ја позиционираат како посакувана гастрономска дестинација.

„Дозволете ми да ја повторам нашата заложба за останување на младите стручни кадри во Македонија, бидејќи никаде не може да биде подобро отколку дома. Како Влада посветено работиме на подигнување на стандардот и квалитетот на живот во земјава, но иднината на оваа земја е во рацете на сите нас. Сите ние треба да ги охрабруваме младите професионалци дека и во својата земја можат да постигнат успех, признание и исполнување, особено ако готват со љубов и креативност“, рече Ивановска.

Гастромак е национална асоцијација на готвачи и угостителски работници на Македонија, која е член на светската федерација на готвачи ВАКС.

Мени за пристапност