Државниот секретар во Министерството за образование и наука Елена Ивановска денес се обрати на конференција посветена на научно – истражувачкиот проект „Сигурност во секоја секунда: Нова генерација систем за сеизмичко следење на конструкции“ на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија.
Проектот е еден од 50те од јавен интерес кои ги спроведуваат јавните научни и високообразовни установи, МАНУ и бизнис заедницата во Македонија, а се во корелација со целите на Стратегијата за паметна специјализација и за кои Министерството за образование и наука во 2025 година распредели 6 милиони евра.
„Драго ми е што веќе ги гледаме резултатите од зголемениот влог на МОН и Владата во науката. Овој проект ќе придонесе за попрецизно следење на однесувањето на градежните објекти под влијание на сеизмички сили. Тоа пак, сосема јасно е дека значи превенција на можни несакани ситуации и поголема безбедност и заштита на животот и здравјето на луѓето“, рече Ивановска.

Државниот секретар изрази уверување дека министерството ќе продолжи да ја поддржува и финансира науката, затоа што таа, заедно со образованието се основа за севкупен општествен напредок.