Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Започна изградбата на новиот кампус на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје

Започна изградбата на новиот кампус на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје

На Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје денес започна изградбата на новиот универзитетски кампус – инфраструктурен комплекс со модерни услови за наставно – научна дејност и за опфат на поголем број студенти. На поставувањето на камен темелникот присуствуваа премиерот проф. д-р Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, вицепремиерот Беким Сали, заменик министерката за транспорт и врски, Калтрина Зеколи Шаќири, градоначалникот на Чаир, Изет Меџити, ректорската управа, професорите и другите вработени во универзитетот.

 

Во своето обраќање пред присутните, министерката Јаневска рече дека оваа инвестиција е значајна за забрзување на развојот на најмладиот државен универзитет и целосно оправдана, со оглед на тоа што и сите други државни универзитети своевремено добиле државна помош при основањето и во текот на нивниот развој.

 

„Посакувам успешен почеток и реализација на инвестицијата во рокот кој е предвиден во проектната и планска документација – за околу 5 години отсега, односно во 2030та година на ова место да имаме модерен универзитетски кампус во кој нема да биде прашање дали е возможно исполнување на одредбите од новата законска регулатива за високо образование и наука, што е предмет на поширока јавна дебата во моментов. Туку, наставно – научниот кадар ќе ги има сите неопходни услови за научно творење, за ефективна настава и за кариерно напредување, а студентите за развивање на нивниот личен - човечки и академски потенцијал“, рече Јаневска.

 

Министерката посочи дека од секоја инвестиција се очекува и некаков повраток, па така и од оваа инвестиција се очекува универзитетот да прерасне во модерна образовна и научна институција чиј кадар, доволно мотивиран ќе даде придонес во развојот на високото образование и науката и ќе гради нови студентски генерации со вистинско знаење и применливи вештини, без кои не е возможен општествено – економски напредок.

 

„Ова е инвестиција во јакнење на моќта, на автономијата и на општествената улога на високообразовната установа во процесот на транзиција и приклучување на земјата кон друштвото на поразвиените“, додаде Јаневска.  

Мени за пристапност