Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Министерката Јаневска го посети Државниот архив – поголема соработка за поквалитетни учебници по историја

Министерката Јаневска го посети Државниот архив – поголема соработка за поквалитетни учебници по историја

 

Во Државниот архив на Македонија денес се одржа работна средба помеѓу министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, директорот на Државниот архив на Македонија, м-р Димитар Богески, заменичката директор на Архивот, Тренделина Деари, директорот на Институтот за национална историја, проф. д-р Митко Панов, шефот на катедрата по историја при Филозофскиот факултет, проф. д-р Далибор Јовановски и директорката на Бирото за развој на образованието, Милка Тримчевска. На средбата беше нагласена потребата од продлабочување на соработката меѓу институциите кои делуваат во сродни области, со заедничка цел да се унапреди развојот на историографијата, архивистиката и современите образовни практики.

Министерката Јаневска истакна дека Државниот архив претставува институција од особено значење за државата и дека ќе биде третирана со соодветно внимание и поддршка. Таа ја нагласи подготвеноста на Министерството да ги разгледа предлозите за вметнување автентични архивски материјали во учебниците, со цел историјата да им се доближи на учениците на поразбирлив, автентичен и мотивирачки начин.

Присутните разговараа за зајакнување на процесите на дигитализација, кои се клучни за долгорочно зачувување на архивската граѓа и за овозможување полесен пристап до документи за истражувачите, студентите и пошироката јавност. Директорот Богески информираше дека Државниот архив веќе работи на развој на специјализиран софтвер за дигитализација и на обезбедување финансиски средства за негова имплементација и прилагодување кон домашните услови.

Учесниците на средбата се осврнаа и на сериозниот предизвик со недостигот на студенти на студиските програми по архивистика. Беше оценето дека е неопходно да се креираат различни стимулации, како стипендии и други форми на поддршка, сé со цел да се мотивираат младите да се насочат кон овие професии кои се од суштинско значење за зачувување на националната меморија.

Мени за пристапност