Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип ќе биде домаќин на престижна летна школа за млади научници и истражувачи од Западен Балкан, што се организира под покровителство на Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија. Можноста произлезе од стратешкото партнерство на македонското Министерство за образование и наука и овој референтен центар за наука и истражување на ЕУ, што се воспостави со потпишување на рамковен договор за соработка минатата година, кој како што и тогаш беше најавено - ќе обезбеди нови можности за работа и творештво на нашите научници и истражувачи преку меѓународно вмрежување.
„Под капата на овој договор, УГД ќе биде домаќин на оваа престижна летна школа со наслов - Наука од европски ранг за заштита на животната средина, а фокусот ќе биде ставен на проценка на загадувањето на водата, воздухот и почвата. Школата ќе се одржи од 14 до 18 септември и јас ги повикувам сите заинтересирани млади научници и истражувачи од Македонија, студенти на втор и трет циклус на студии и надарени студенти на додипломски студии, да се пријават за учество и развој на личните капацитети за одговор на современите еколошки предизвици“, рече Јаневска.
Посочи на важноста да се организира настан во соработка со Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија, всушност значи да се биде дел од највисоките кругови на европската наука.
„Овој центар е внатрешната научна служба на Европската комисија, која ги обезбедува клучните докази за креирање на европските политики. Како глобален авторитет, центарот ги поставува стандардите за мерење, мониторинг и сертификација, а оваа летна школа е ретка можност за врвното знаење од европските лаборатории да се пренесе директно во нашиот регион“, додаде министерката.
Ректорот на штипскиот државен универзитет, проф. д-р Мираковски информираше дека бројот на учесници е ограничен на 25 лица од Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија. Учеството е бесплатно, а Заедничкиот истражувачки центар ќе обезбеди целосна финансиска поддршка за патување и сместување за првите 10 најдобро рангирани кандидати, додека останатите учесници самостојно ги покриваат овие трошоци. Досега се пријавени 32 кандидати, од кои седум се од Македонија.
Летната школа на Заедничкиот истражувачки центар наменета за млади научници и истражувачи се организира на секои две години, а првпат Македонија ќе биде домаќин.