Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Конференција посветена на ученички активизам за градење безбедни училишта

Конференција посветена на ученички активизам за градење безбедни училишта

Во Скопје денес се одржува конференција посветена на ученички активизам за безбедни училишта, во рамки на проектот „Промоција на безбедна училишна средина“ што го спроведува Коалицијата на младински организации СЕГА, во партнерство со Министерството за образование и наука, Македонскиот Центар за Граѓанско Образование, Првата детска амбасада во светот „МЕЃАШИ“, СМАРТ АП - Лабораторија за социјални иновации и Детската фондација Песталоци.

 

На конференцијата учествуваше Елена Ивановска, државен секретар во Министерството за образование и наука која посочи дека во земјава е воспоставен механизам за пријавување на случаи на врсничко насилство и по секоја пријава е постапено од страна на институциите, но и дека е потребен поголем ангажман од целото општество, а особено од семејствата на учениците, бидејќи тоа е средината каде воспитанието има најголем ефект и се стекнуваат основните вредности, кои понатаму во училиштето се надградуваат.

 

„Случаи на насилство меѓу ученици можат да се пријават директно во МОН, за што е отворена посебна електронска адреса – prijavinasilstvo@mon.gov.mk, во Државниот просветен инспекторат и секако – директно во училиштето кај наставник, педагог, психолог и директор, а тие согласно подзаконски акт имаат должност да достават информација до нас, за да се вклучи и Педагошката служба и во посложени ситуации – Министерството за внатрешни работи и центрите за социјални работи“, рече Ивановска, додавајќи дека во тековната учебна година се пристигнати 41 пријава.  

 

Потенцираше дека механизмот за справување со врсничко насилство може да се подобри и министерството веќе делува во таа насока.

 

„Пред неколку денови во училиштата кадешто беше подзаборавена, вративме една стара пракса – наместо ученици, во ходниците и дворовите за време на одморите да дежураат наставници. Секое училиште мора да направи распоред на наставниците и тие да имаат дежурства. Ова го вративме, бидејќи наставниците најдобро ги знаат децата и можат да препознаат потенцијал за насилство, за деструктивно однесување и слично. Наставниците минуваат бројни обуки за нивна професионална надградба, меѓу кои и за превенирање на насилство“, додаде Ивановска.

Согласно законската регулатива, училиштата се должни во своите годишни програми да планираат и програми за промоција на добросостојба на учениците, заштита од насилство, од злоупотреба и запуштање, спречување дискриминација, подобрување на комуникацијата и слично. Во тој контекст и МОН уште на почетокот на секоја учебна година до училиштата доставува допис со насоки да се организираат што повеќе наставни и воннаставни активности за учениците за подигнување на свеста за градење на мирна и хармонична училишна средина во која ќе има меѓусебно разбирање и почитување.

 

Учениците пак, дополнително преку наставните програми и воннаставни активности се подготвуваат и за постапување при вонредни несакани ситуации и појави, а на  конференцијата беше нагласено дека потребно е организирање на повеќе вакви активности во соработка и со граѓанскиот сектор.

Мени за пристапност