Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Се обезбедуваат подобри услови за настава и рехабилитација на учениците со посебни образовни потреби од ОУРЦ „Иднина“

Се обезбедуваат подобри услови за настава и рехабилитација на учениците со посебни образовни потреби од ОУРЦ „Иднина“

До изградбата на нов училишен објект за учениците од основното училиште со ресурсен центар „Иднина“ во Чаир, тие ќе посетуваат настава и ќе користат услуги за рехабилитација во простории во рамки на државното средно училиште „Св. Наум Охридски“ во Скопје. Градежните работи за адаптација на просториите кои беа започнати во јули годинава привршуваат, а денеска увид извршија министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити и претставници на Стопанската комора МАТТО која ја поддржа реализацијата на проектот со 6 милиони денари.

 

„Девет кабинети за индивидуална поддршка и работа по модифицирана наставна програма се веќе уредени, функционални, а останатите неколку простории ќе ги завршиме деновиве, така што многу скоро дечињата од „Иднина“ ќе се префрлат тука. Обезбеден е монтесори кабинет, кабинет за психомоторна реедукација, за арт терапија, сензорна соба, библиотека, адаптирани тоалети, нова опрема и околу 200 дечиња соодветно ќе ги добиваат услугите што законски им следуваат“, рече министерката Јаневска, потенцирајќи дека ова ќе биде времено решение додека Владата изгради нов објект на постојната локација во Чаир.  

 

Јаневска изрази благодарност до Стопанската комора МАТТО за поддршката и придонесот во обезбедувањето на квалитетно образование за сите деца во Македонија.

 

Вицепремиерот Меџити кој пред неколку денови го презентираше идејниот проект за новиот училишен објект, рече дека Владата ќе се заложи за што поскора реализација на истиот, бидејќи сите деца заслужуваат еднаков пристап до образование, а Чаир, каде што и ќе се гради објектот, ќе стане инклузивна општина која преку ова училиште своите услуги ќе ги диспрерзира и ќе им помага на другите општини да обезбедуваат соодветна едукација и рехабилитација на децата со посебни образовни потреби.

 

„Благодарност до сите кои го поддржаа проектот бидејќи ова е победа на соработката меѓу институциите, бизнис-заедницата и граѓаните. Овие простории не се само ѕидови и опрема – тие се симбол на општество кое инвестира во својата иднина“, рече Меџити.

 

Претседателот на МАТТО, Ајдован Адемоски изјави дека како одговорна бизнис заедница, комората ќе продолжи да поддржува иницијативи за подобрување на условите за настава, бидејќи образованието е и останува заедничка, општествена одговорност.

Мени за пристапност