Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Пуштен во употреба нов објект во рамки на ОУ „Блаже Конески“ во Аеродром

Пуштен во употреба нов објект во рамки на ОУ „Блаже Конески“ во Аеродром

 

Со значително проширени капацитети основното училиште „Блаже Конески“ во Аеродром ќе го започне второто полугодие од учебната 2025-2026 година. Новиот објект кој се градеше во изминатите 18 месеци, го пуштија во употреба претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски, градоначалникот Дејан Митески и министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска која најави и крупен план за унапредување на образовната инфраструктура низ цела држава, чија реализација ќе започне оваа година. 

 

„Денес заокружуваме една крупна инфраструктурна инвестиција, вредна 200 милиони денари, која обезбеди нов објект со 16 простории за настава, библиотека, кујна со трпезарија, тоалети вклучително и за ученици со посебни образовни потреби и со енергетски ефикасна фасада, што ќе заштедува средства за затоплување. Оваа модерна зграда ќе го зголеми опфатот на дечиња од населбата Мичурин и ќе реши голем предизвик за дел од родителите“, рече Јаневска.

 

Министерката посочи дека исполнето е големо ветување дадено пред жителите на Аеродром, благодарение на градоначалникот, на општинскиот совет и со поддршка од Владата која финансиски ја помогна реализацијата на инвестицијата.

 

„Ова е резултат на посветено и заедничко работење, во чиј фокус се нашите млади, на кои им обезбедуваме еднаков пристап и поквалитетно образование. Така и ќе продолжиме, бидејќи конечно сите сме на иста страна, делиме иста визија дека без добро образование, не можеме да очекуваме подобра иднина“, додаде министерката за образование и наука.

 

Информираше дека Министерството за образование и наука изработи акциски план кој предвидува преку 160 инвестиции во инфраструктурни објекти, а реализацијата започнува од оваа година. Како што рече, станува збор за голем влог кој ќе го намали јазот помеѓу изгубеното време во последните неколку години кога немаше грижа за образованието и новите стандарди што ги наметнува глобалниот свет.

Мени за пристапност