Потребни се промени во високото образование и МОН и академската фела ќе ги спроведат заедно за да обезбедат квалитетна едукација на идните генерации. Ова е заклучокот од денешната средба на министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска со ректорите и проректори на државните универзитети во чиј фокус беше новиот Закон за високо образование.

„Нацрт-верзијата на Законот за високо образование е веќе изготвена и наскоро ќе биде поставена на Електронскиот национален регистар на прописи ЕНЕР. Тој ќе биде основа на сите промени што ќе следуваат. Но, за да бидеме сигурни дека го имаме најдоброто решение, законот наскоро оди на јавна расправа, а потоа ќе дискутираат пратениците до конечното усвојување“, рече Јаневска.

Министерката изрази благодарност до академската заедница за досегашната одлична соработка и за придонесот во изработката на новото законско решение.
„Имаме иста визија, идеали и цели кои одлучни сме дека заедно и забрзано ќе ги остваруваме, затоа што државата изгуби премногу време во кое немаше јасен правец на развој на образованието како основа за севкупен општествено – економски просперитет“, додаде Јаневска.
На средбата се дискутираше и на повеќе други теми поврзани со квалитетот на образовниот систем.