Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Проширен е капацитетот на ОУ „Ацо Шопов“ во Радишани за дополнителни 100 ученици

Проширен е капацитетот на ОУ „Ацо Шопов“ во Радишани за дополнителни 100 ученици

Заврши изградбата на дополнителниот објект со четири нови училници и тоалети во склоп на основното училиште „Ацо Шопов“ во населбата Радишани во скопски Бутел. Инвестицијата од 37 милиони денари обезбедени преку буџетот на Министерството за образование и наука ќе овозможи во училиштето да се запишат дополнителни 100тина ученици од оваа општина.

 

Новиот објект денес во употреба го пуштија претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска и градоначалникот Дарко Костовски.

 

„Потребата за проширување на капацитети беше реална и како Влада, како Министерство во соработка со локалната самоуправа, тоа го овозможивме. Во објектот ќе се одвива целодневна настава за учениците од прво до трето одделение“, рече Јаневска.

 

Додаде дека интенцијата на Владата е да го прошири концептот на едносменско работење и целодневна настава во што повеќе училишта во Македонија, заради бројните придобивки – поголема социјализација на децата, поголема концентрација за време на часовите наутро, повеќе наставни и воннаставни активности, а се намалуваат и трошоците за работа на училиштата.

 

Од вкупно 1023 училишни објекти во земјава, повеќе од 620 работат во една смена. Во моментов, Министерството за образование и наука реализира 20 проекти за проширување на капацитетите на училишта заради воведување на овој концепт на работа во повеќе општини.

Мени за пристапност