Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Заменик министерот Сулејмани учествуваше на Глобалниот самит за вештини во Торино

Заменик министерот Сулејмани учествуваше на Глобалниот самит за вештини во Торино

Заменик-министерот за образование и наука Дритон Сулејмани беше еден од панелистите во дискусијата за улогата на меѓународната соработка во развојот на вештините, отпорноста и справувањето со глобалните трансформации, што се организираше во рамки на Глобалниот самит за вештини што се одржа во Торино, Италија.

 

Во своето обраќање Сулејмани ги презентираше приоритетите и реформските заложби на Македонија за градење образовен систем кој одговара на потребите на пазарот на трудот, технолошкиот развој, демографските промени и зелената транзиција.

 

Особено го истакна значењето на зајакнувањето на стручното образование и обука, развојот на дуалното образование, во кое денес се вклучени над 1.000 компании, унапредувањето на регионалните центри за стручно образование и обука, кариерното советување и промовирањето на доживотното учење.

 

„Нашата цел не е само да одговориме на потребите на пазарот на трудот, туку, пред сè, да создадеме можности младите да ја градат својата иднина во нашата земја, а граѓаните да имаат можност да се приспособуваат, да напредуваат и активно да учествуваат во економските и општествените трансформации“, рече Сулејмани.

 

Во рамките на Националната реформска агенда и процесот на европска интеграција, Сулејмани потенцираше дека институциите остануваат посветени на градењето инклузивен, квалитетен и конкурентен образовен систем, заснован на одржливи партнерства меѓу образовните институции, бизнис-заедницата и меѓународните партнери.

 

„Инвестирањето во образованието и развојот на вештините е инвестиција во иднината на нашата земја и во нејзината европска перспектива“, додаде заменик министерот.

 

Мени за пристапност