По создавањето законска рамка за воведување на формалното образование во здравствени установи, стручен тим на Министерството за образование и наука, Министерството за здравство и НВО САНО, изработи прирачник за наставници за вклучување на учениците на подолго болничко лекување во наставата.
Прирачникот е достапен на следниот линк и во истиот се наведени конкретни чекори за успешна интеграција во наставата на учениците кои отсуствуваат од училницата подолго од три недели поради здравствени причини. Наставниците добиваат насоки за определување на видот на наставата во која ќе го вклучат ученикот, планирање и реализација, водење педагошка евиденција, следење и оценување на постигнувањата на ученикот. Наведени се и конкретни примери за овозможување континуитет на образование на ученикот кој оправдано не посетува наставата со физичко присуство.
Дополнително, изработена е и брошура со корисни совети како за наставниците, така и за учениците и нивните семејства. Достапна на следниот линк.
Потсетуваме дека во новата учебна година, согласно направените измени на правната регулатива, зависно од здравствената состојба учениците можат да се вклучат онлајн на наставата во својот клас, да се организира индивидуална настава по прилагодена наставна програма или пак, преку асинхрона комуникација да добиваат материјали и да ги решаваат домашните задачи. Надлежни за спроведување на оваа системска мерка се основните училишта каде се запишани учениците кои се на болничко лекување.
Наставникот и ученикот ги користат вообичаените дигитални алатки што се користат во редовниот образовен процес, како на пример платформата ЕДУИНО и платформата за дигитални интерактивни учебници. Училиштето каде е запишан ученикот може да му додели електронски уред, од фондот на таблет компјутери со кои располага, доколку е тоа потребно.
Ниедно дете не смее да биде лишено од образование само затоа што се лекува. Болеста не значи изолација, прекин или заборавеност. Напротив – болеста е предизвик, а ние, како општество, им должиме поддршка, структура и надеж. Со инвестирање во нивното знаење, инвестираме во една поправедна, поемпатична и посилна иднина!