Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Презентација на проектот „Можности за употреба на одржливи композитни материјали со отпадна гума во паметни згради и инфраструктура“ (Акроним: RubberWorld)

Презентација на проектот „Можности за употреба на одржливи композитни материјали со отпадна гума во паметни згради и инфраструктура“ (Акроним: RubberWorld)

Научноистражувачкиот проект „Можности за употреба на одржливи композитни материјали со отпадна гума во паметни згради и инфраструктура“ (Акроним: RubberWorld) е реализиран на Градежниот факултет во Скопје со комплетно финансирање од МОН. Проектот се фокусира на развој и примена на иновативни циркуларни решенија преку интеграција на рециклирана отпадна гума во градежни материјали и геотехнички конструкции. Примарната цел е да се истражат нови, еколошки и технички одржливи можности за употреба на ваков отпад во високоградба и геотехнички системи, преку сеопфатни експериментални анализи и споредбени истражувања со конвенционални материјали.

Предложеното истражување е оригинално и силно релевантно за современите предизвици поврзани со циркуларната економија и намалувањето на еколошкиот отпечаток на градежната индустрија. Иновативноста се огледува во интердисциплинарниот пристап, кој ги обединува науката за материјали, повеќе области од градежништвото и заштитата на животната средина.

Истражувањето покажа дека отпадните гуми може да имаат широка примена во цементните материјали, за конструктивни и неконструктивни апликации, oнаму каде што механичките својства не се критични, каде што се предоминантни топлинската изолациона моќ, намалената маса, отпорноста на пукнатини, зголемена еластичност. Синергијата на ваквите карактеристики има повеќекратна импликација од инженерски, економски и еколошки аспект. Ваквите малтери и бетони нудат потенцијал за редукција на дебелината на дополнителните термоизолациски слоеви, со што директно се рационализираат инвестициските трошоци за енергетска ефикасност на објектите. Паралелно, супституцијата на природниот агрегат со отпадна гума придонесува за конзервација на природните ресурси и за менаџирање со отпадните пневматици преку нивна валоризација како секундарна суровина.

Отпадните гуми како лесен геотехнички материјал може да се искористат при изградба на насипи или како пополнување за потпорни ѕидови. Тие овозможуваат подобра дренажа, намалена тежина и зголемена отпорност на ерозија и вибрации, што ги прави идеални за нестабилни земјишта. Почвените супстрати со гума се идеални за примена кај зелени покриви и зелени фасадни ѕидови.

Од проектот произлезе и една дигитална иновација: прогнозни модели за предвидување на јакоста на притисок на цементните композити со гума со висока точност, без потреба од скапи и долготрајни лабораториски испитувања. Оваа дигитална алатка ќе им овозможи на градежните инженери брзо и прецизно оптимизирање на рецептурите во пракса.

Благодарение на својот концепт, проектот е високо конкурентен за меѓународна соработка и нуди потенцијал за трансфер на технологии и знаење меѓу академски, истражувачки и индустриски партнери од различни земји.

Проектот е усогласен со глобалните и европските приоритети во областа на циркуларната економија, климатските промени, одржливата урбана средина и иновациите во градежниот сектор.

Значајно остварување на проектот е унапредувањето на лабораториските истражувачки капацитети на Градежниот факултет преку набавка на современа опрема за подготовка, обработка и експериментално испитување на градежни материјали со отпадна гума. Опремата има долгорочна научноистражувачка и образовна вредност и овозможува понатамошно спроведување на истражувања во рамките на дипломски, магистерски и докторски трудови, национални и меѓународни проекти и соработка со стопанството.

Мени за пристапност