Денес на Универзитетот „Мајка Тереза“ почнува првата јавна расправа на јавните универзитети за новиот Закон за високото образование и за Законот за квалитет во високото образование. Потоа ќе следат дебати и на другитe јавни универзитети. Пред почетокот на средбата, министерката Весна Јаневска изјави дека ќе се организираат толку јавни расправи колку што ќе треба за да се прецизираат клучните решенија во новата регулатива.
„Како што ветивме, ќе има непосредна дебата со професорите и вработените на високообразовните установи, а во меѓувреме секој засегнат или секој кој има интерес и желба да придонесе, може да достави забелешка на ЕНЕР или на мејлот на МОН за оваа намена. Добро е што веќе има изразена дискусија во општеството, што значи дека ќе имаме на крајот квалитетни законски решенија во кои ќе бидат интегрирани сите конструктивни забелешки и сугестии, а такви веќе има“, изјави министерката Јаневска.

Таа додаде дека сите, почнувајќи од академската заедница, преку студентите сé до Министерството и Владата, се согласуваат оти промени мора да има, доколку како држава сакаме да направиме исчекор кон квалитетно високо образование.
„Ни останува само преку овие јавни дебати промените да ги дефинираме заеднички, а Владата ќе обезбеди доволно средства и за високото образование и за науката, за да се реализира сето тоа што ќе се бара како дополнителен ангажман од наставно – научниот кадар“, укажа Јаневска.