Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

По 61 година учениците во Црешево ќе добијат спортска сала, Јаневска и Стефковски извршија увид во градежните активности

По 61 година учениците во Црешево ќе добијат спортска сала, Јаневска и Стефковски извршија увид во градежните активности

Иднината на државата се создава во училиштата и затоа од исклучителна важност е сите деца да имаат пристојни услови за едукација, а нивните наставници да бидат мотивирани и да имаат можности добро да ја извршуваат својата благородна мисија. Како Влада се посветивме на инфраструктурата во образованието и во изминатите 16 месеци вложивме 67 милиони евра – 32 преку Министерството за образование и наука и 35 преку повикот на Владата за распределба на средства кон општините за образовни проекти.

Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска која денес заедно со градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски извршија увид во изградбата на спортската сала во рамки на ОУ „Наум Охридски“ во Црешево.

„Инвестицијата во спортската сала е токму резултат на добрата соработка помеѓу Владата и општината. Објектот ќе овозможи квалитетна реализација на наставата по физичко образование, но и ќе поттикне поголема физичка активност и спортување на децата по завршувањето на часовите“, рече Јаневска потенцирајќи дека квалитетната спортска инфраструктура придонесува за градење здрави генерации со вистински вредности – со натпреварувачки дух, упорност, тимска работа, емпатија и меѓусебна почит.

Министерката нагласи дека инвестициите во образованието ќе продолжат. Со зголемен буџет за овој ресор, во текот на мандатот Владата ќе изгради уште 30 училишни спортски сали, а ќе се реконструираат 15 постоечки во различни општини.

Градоначалникот Стефковски рече дека по 61 година учениците од Црешево, Виниче и Смилковци кои своето основно образование го поминуваат во ова училиште ќе добијат училишна сала согласно сите европски стандарди. Изрази задоволство од поддршката која ја добива од Владата за модернизација на инфраструктурата во општината, информирајќи дека средствата за овој објект во висина од 34 милиони денари се обезбедени преку владиниот повик за распределба на средства по општини за инфраструктурни проекти. Спортската сала се очекува да биде завршена во втората половина на 2026 година.

Мени за пристапност