Актуелната Влада вложи над 67 милиони евра во образовната инфраструктура за помалку од две години, а паралелно се фокусираме и на модернизација на наставните програми и на изработка на нови учебници за учениците да ги имаат сите неопходни услови за поквалитетен воспитно – образовен процес, рече министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието во врска со тоа кога ќе заврши изградбата на новиот објект на средното училиште „Сами Фрашери“ во Куманово.
„Кумановската гимназија ќе добие нов објект до крајот на тековната година. Не можам да посочам конкретен датум, затоа што работиме по проект кој е доставен од општината, а во пресметките за истиот не е предвидена одредена позиција што сега треба министерството да ја дополни и тоа ќе одземе дополнително време“, рече Јаневска, додавајќи дека во меѓувреме се завршени и повеќе други инвестиции, а дел се во завршна фаза.
Посочи дека пред неколку дена беше заокружена темелната реконструкција на Регионалниот центар за стручно образование и обука „Моша Пијаде“ во Тетово, вредна 5 милиони евра кои се обезбедени од државата и од ИПА фондовите на ЕУ. Во тек е доградба на неколку објекти во склоп на училишта во општините Ѓорче Петров, Карпош и Центар каде треба да се овозможи едносменска настава, се реконструираат 15 училишни спортски сали, а 30 нови етапно започнуваат да се градат. Се откочи изградбата на објектите за потребите на ФИНКИ и се реконструираат државните студентски домови.