Во рамки на кампањата „Магијата е во знаењето“, Тетово беше домаќин на панел-дискусија „Каква магија се крие зад една петка – минатото и сегашноста во дуел“

За тоа како низ годините се менува образовниот систем и значењето на оценките се зборуваше на денешната трета панел-дискусија од националната кампања „Магијата е во знаењето“ на Министерството за образование и наука. Настанот се одржа во Тетово, под наслов „Каква магија се крие зад една петка – минатото и сегашноста во дуел“.
Панел-дискусијата ги отвори прашањата како се менувал процесот на образование и оценување низ генерации, што денес значи успех и која е улогата на наставникот во свет каде што технологијата може да објасни сè, но не и секогаш да инспирира.

Министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, во своето обраќање истакна дека магијата на наставничката професија е во човечноста, во допирот и разбирањето што ниту еден уред не може да ги замени. Во минатото, учењето, посочи Јаневска, беше трпеливо запишување и помнење, а денес учењето е и селекција, анализа и создавање нови идеи кои водат до личен успех и придонес кон развојот на државата.

„Но, во обете времиња постои нешто заедничко, тоа е магијата што ја создава наставникот, кој ја претвора љубопитноста во знаење и бројките во човечки приказни. Денес, учениците имаат пристап до милиони информации, но вистинската вредност на наставникот е што знае да ги претвори тие информации во знаење, во разбирање и во љубопитност. Учителот не носи наметка, но создава магија, магијата на учењето што ја менува иднината“, додаде министерката.
Милка Тримчевска, директорка на Биро за развој на образованието, посочи дека магијата зад успехот на учениците секогаш започнува со наставникот, а Бирото е тука да ја поддржи таа магија преку континуиран професионален развој и менторска поддршка на наставниците.
На панелот своите искуства и размислувања ги споделија и Даниела Апостоловска, одделенски наставник и помошник директор во ООУ „Братство – Миѓени“ од Тетово, Сихана Каба Касами, одделенски наставник и директор во тетовското ООУ „Кирил и Методиј“ и Салих Мислими, доктор по општа медицина и професор по стручни предмети во ОСМУ ,,Никола Штејн" – Тетово.
Тие преку лични примери направија паралела помеѓу времето кога учениците учеле од книги и денешното време, кога во одредени ситуации се предава и учи преку дигитални уреди. Се согласија дека технологијата е помошник, но не и замена за наставникот. Порачаа дека зад секоја „петка“ стои приказна за труд, охрабрување и доверба, дека вистинскиот успех е кога ученикот сака да учи, а наставникот е оној што ја разгорува љубопитноста. Едногласни беа дека технологијата може да помогне, но само човекот може да инспирира.

Денешната панел-дискусија потсети дека вистинската магија на образованието не е во брзината на пристап до информација, туку во способноста да се разбере, почувствува и примени знаењето. Иако времињата се менуваат, наставниците и понатаму остануваат оние што ја претвораат љубопитноста во мудрост, а „петката“ во нешто многу повеќе од бројка.
Панелот се реализираше во рамки на националната кампања „Магијата е во знаењето“, посветена на препознавање и поддршка на наставничката професија како движечка сила на општествениот напредок. Кампањата низ низа настани и активности ги афирмира наставниците како вистински креатори на промените, на оние што ја пренесуваат љубопитноста во знаење и знаењето како темел за посветла иднина на општеството.