Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Сулејмани: со Советот на Европа создаваме училишта двигатели на демократска култура, продолжува проектот „Квалитетно образование за сите–Градење демократска отпорност“

Сулејмани: со Советот на Европа создаваме училишта двигатели на демократска култура, продолжува проектот „Квалитетно образование за сите–Градење демократска отпорност“

Во демократски општества, секое училиште треба да биде училиште на демократија. Наставниците имаат клучна улога да ги воспитуваат младите генерации во духот на почитување на човековото достоинство, правата и еднаквоста. Ова е наша стратешка определба, посочи заменик министерот за образование и наука Дритон Сулејмани на Конференцијата за отпочнување на втората фаза од проектот „Квалитетно образование за сите–Градење демократска отпорност“.

Проектот има за цел да ја промовира демократијата и човековите права во образованието. Во соработка со Министерството за образование и наука, го имплементира Советот на Европа, а го финансира Сојузна Република Германија.

Референтната рамка на компетенции за демократска култура, развиена од Советот на Европа, е клучна алатка за интеграција на демократските вредности во образовните системи, рече заменик министерот Сулејмани, додавајќи дека врз основа на тој документ e креирана новата Национална стратегија за образование 2026-2032, и е наменета за наставниците од предучилишно сé до високо образование, вклучувајќи ги и образованието за возрасни и стручното образование. Овозможува систематски пристап во планирањето на наставата, учењето и оценувањето на компетенциите за демократска култура што ги стекнале учениците.

„Првата фаза од проектот „Квалитетно образование за сите“ беше од голема помош во подготовката на новата Национална стратегија и во креирањето на политики засновани на факти. Преку Мапинг извештајот и 21. препорака добивме јасни насоки за унапредување на демократското граѓанско образование, зајакнување на инклузивноста и мултикултурноста, како и развивање партиципативно управување со училиштата“, нагласи Сулејмани. 

Се заблагодари на партнерите и училиштата што се дел од проектот и наведе дека сите чинители заедно можат да изградат образование што ги учи младите да бидат одговорни граѓани, да ги почитуваат различностите и да бидат градители на праведно, инклузивно и одржливо општество.

Втората фаза од Проектот „Квалитетно образование за сите – Градење демократска отпорност“ е насочена кон имплементација на Националната стратегија за образование и создавање мрежа на училишта што ќе бидат двигатели на демократска култура и ќе овозможи наставниците да разменуваат добри практики, а учениците да ги развиваат и да ги применуваат компетенциите за демократска култура.

Заменик министерот Сулејмани укажа дека Македонија е држава која интензивно работи на усогласување со европските стандарди и вредности. За таа цел се градат институции што гарантираат демократија и владеење на правото. Образованието има суштинска задача да формира граѓани кои критички размислуваат и ги отфрлаат популистичките и екстремистичките импулси, со што демократијата ќе стане силна и стабилна одвнатре.

Мени за пристапност