Претседателката на Македонија, проф. д-р Гордана Сиљановска Давкова и министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска денес остварија средба со 100тина талентирани ученици кои преку здруженија на наставници или индивидуално, годинава учествуваа на меѓународни научни олимпијади и престижни ученички натпреварувања. На средбата, им порачаа дека се гордост на државата и дека институционалната грижа кон талентираните, како и кон сите ученици и млади ќе продолжи да се зголемува.
„Се радувам што од година во година евидентираме сé поголем талентирани млади со желба за натпревар, кои сакаат да ја претставуваат државата надвор и со гордост го прават тоа. За мене тоа е вистински патриотизам и затоа продолжете да бидете репрезенти на татковината. Ви честитам на сите кои оваа година учествувавте на врвни натпревари, а дел од вас освоија и високи награди и признанија“, рече Јаневска пред учениците.
Во последните три години државата ја зголеми поддршката за талентираните ученици. Нивните семејства повеќе немаат грижи како ќе обезбедат средства за учество на меѓународни натпревари, затоа што Министерството за образование и наука во целост ги покрива трошоците за пат и котизација. Минатата година беа исплатени 5, а годинава досега 3 милиони денари за оваа намена.
Министерката рече дека сите деца се важни и должност на институциите е да им се посветуваат подеднакво, да имаат поквалитетно образование и еднаков пристап до образовните можности. Но, талентираните ученици бараат посебно внимание за да можат целосно да ги реализираат личните аспирации и потенцијали, па оттука и значителната промена на политиките за нивна поддршка.
Потсети дека министерството редовно објавува повици за доделување на парични средства за освоени високи места и медали на меѓународни натпревари, парични средства за освоени први места на државни натпревари, конкурси за доделување стипендии за талентирани средношколци, како и дека во тек е изработка на Концепција за детектирање и работа со талентирани деца.