Одговарајќи на пратеничко прашање во врска со наводите од Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија за 2026 година, министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска рече дека истиот нотира прогрес во областа на основното и средното образование и науката, но и сугерира промени во високото образование.
„Европската комисија вели дека студиските програми мора да се модернизираат. Неопходен е и нов закон, кој ние го изработивме преку широка јавна и стручна дебата. Законот за високо, заедно со Законот за научно – истражувачка дејност и Законот за квалитет во високото образование се доставени во Собранието и ве замолувам сите пратеници да имате разбирање и тие да бидат приоритетни за усвојување, бидејќи во спротивно нема да трпи штета Владата, туку образованието, граѓаните и државата“, рече Јаневска.
Осврнувајќи се на остварените цели од Реформската агенда, министерката го издвои опремувањето на 160 основни училишта со безжична опрема за безбеден пристап до интернет, усвојувањето и примената на нова методологија за финансирање на основното образование која овозможува правична распределба на средства по општини, зајакнувањето на средното стручно образование и вклучувањето на 1000 компании во реализацијата на практичната обука на учениците, како и ангажирањето на кариерни советници во училиштата.