Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

МОН доби грант од Шпанија како поддршка на проектот за изградба на ФИНКИ и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје

МОН доби грант од Шпанија како поддршка на проектот за изградба на ФИНКИ и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје

Министерството за образование и наука доби неповратни средства од Шпанија во износ од 250 илјади евра кои ќе бидат додадени на финансиската конструкција за реализација на проектот за изградба на новите објекти за ФИНКИ и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје во Скопје. 

 

Договорот за грант денес беше потпишан помеѓу министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, шпанскиот амбасадор Н.Е. Рафаел Сориано Ортиз и вицегувернерот на Банката за развој при Советот на Европа (ЦЕБ) за целни земји, Томаш Бочек, при што сите три страни ја нагласија заедничката посветеност за инвестирање во квалитетна образовна инфраструктура и развој на човечкиот капитал.

 

Грантот ќе обезбеди насочена техничка помош во подготовката и започнувањето на инвестицискиот проект во корист на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, a се надоврзува на долгогодишното партнерство меѓу ЦЕБ и Македонија во образовниот сектор.

 

„Инвестициите во образовната инфраструктура претставуваат инвестиција во иднината на нашиот образовен систем и во иднината на државата. Затоа сме особено благодарни за поддршката дадена од Банката за развој при Советот на Европа и Шпанија за спроведување на овој важен инфраструктурен проект, кој се однесува на првиот и најголемиот јавен универзитет во Македонија, со што се создаваат услови за навремено и ефикасно завршување на проектот“, рече Јаневска.

 

„Техничката помош која ќе се финансира преку овој шпански грант и Банката за развој на Советот на Европа, ќе ѝ помогне на државата да го подготви и спроведе проектот за унапредување на инфраструктурата на УКИМ. Вложувањето во образованието претставува приоритет и стратешки избор“, изјави амбасадорот Сориано Ортиз.

 

Вицегувернерот Бочек пак, истакна дека инвестирањето во високото образование значи инвестирање во луѓе, вештини и можности.

 

„Преку овој грант од Шпанија, придонесуваме кон создавање подобра средина за учење на водечкиот јавен универзитет и го градиме нашето успешно партнерство во корист на децата и младите низ целата земја“, додаде тој.

 

Проектот предвидува завршување на изградбата на двата објекта во дворот на УКИМ кои ќе бидат наменети за ФИНКИ, како и отпочнување на изградба на целосно нов објект за Факултетот за физичко образование, спорт и здравје.

Мени за пристапност