Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

РЕШЕНИЕ за повлекување од употреба на учебници за V одделение основно образование

Министерство за образование и наука Министерство за образование и наука

Врз основа на член 26 став (6) од Законот за учебници во основно и средно образование („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 3/25 и 74/25), а во врска со стручните мислења од Бирото за развој на образованието бр. 08-1664/2 од 02.10.2026 година и бр. 08-1664/4 од 08.10.2026 година, директорот на Педагошката служба донесе

 

РЕШЕНИЕ

за повлекување од употреба на учебници за V одделение основно образование

 

1. СЕ ПОВЛЕКУВААТ ОД УПОТРЕБА следните учебници:

· Македонски јазик од авторите: Марина Станиславова и Марија Богатиновска, Издавач: МОН, бр. 26-677/1 од 06.04.2023 година;

· Албански јазик од авторот: проф. д-р Вехби Кадриу, Издавач: МОН, бр. 26-1463/1 од 18.10.2022 година;

· Турски јазик од авторот: доц. д-р Осман Емин, Издавач: МОН, бр. 26-524/1 од 18.08.2022 година;

· Српски јазик од авторите: Дарија Ковачевиќ Божиновска и Биљана Спасовска, Издавач: МОН, бр. 26-1487/1 од 28.10.2022 година;

· Босански јазик од авторот: Изета Бабачиќ, Издавач: МОН, бр. 26-185/1 од 26.01.2023 година;

· Математика од авторите: проф. д-р Татјана Атанасова-Пачемска, Добри Јовевски, Валдета Алија и Виолета Поповска, Издавач: МОН, бр. 26-1441/1 од 14.10.2022 година;

· Природни науки од авторите: д-р Ицко Ѓоргоски, д-р Методија Најдовски и д-р Билјана Гичевски, Издавач: МОН, бр. 26-1238/1 од 06.10.2022 година и

· Јазик и култура на Ромите (изборен предмет) од авторот: Трајко Петковски, Издавач: МОН, бр. 22-4647/1 од 25.08.2010 година.

2. Ова Решение влегува во сила со денот на неговото донесување, а ќе започне да се применува почнувајќи од учебната 2027/2028 година.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Согласно со членот 26 став (6) од Законот за учебници во основно и средно образование („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 3/25 и 74/25), за перманентно унапредување на квалитетот и осовременување на одобрениот учебник, по петгодишна употреба на учебникот од првото издание, по претходно мислење од Бирото за развој на образованието, Педагошката служба може да повлече од употреба учебник и да објави нов конкурс.

Во постапката за повлекување, земени се предвид стручните мислења од Бирото за развој на образованието бр. 08-1664/2 од 02.10.2026 година и бр. 08-1664/4 од 08.10.2026 година, со кои, врз основа на спроведената анализа на одобрените учебници и резултатите од меѓународните тестирања (PISA), е констатирана потреба од перманентно унапредување на квалитетот, актуелноста и функционалноста на наставните содржини, развој на критичкото и креативното мислење кај учениците, како и распишување нов конкурс за изработка на учебници кои во целост ќе одговараат на современите образовни стандарди.

Имајќи го предвид времетраењето на договорите за пренос на материјалното авторско право, кои се важечки за тековната учебна 2026/2027 година, како и неопходноста од навремена подготовка и одобрување на нови учебници, повлекувањето на горенаведените учебници од употреба ќе започне од почетокот на учебната 2027/2028 година. Притоа, оценувајќи ги наведените законски одредби и стручните мислења од Бирото за развој на образованието, утврдено е дека се исполнети сите законски услови директорот да го донесе ова Решение.

УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение незадоволната странка може да поднесе тужба за поведување управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на објавувањето на актот на интернет страницата на Министерството за образование и наука.

Мени за пристапност