Врз основа на член 205 од Законот за високото образование („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 82/18, 154/19, 76/20, 178/21, 58/24 и 124/25), министерката за образование и наука донесе
Решение за поништување на диплома за завршен прв циклус на студии
и на диплома за завршен втор циклус на студии
1.Со ова Решение се поништуваат:
- Дипломата со бр.832/1 од 01.10.2015 година издадена на ден 06.10.2015 година под сериски број 001219 за завршен прв циклус на студии, на име Елена Јорданче Кузмановска на студиската програма Општа психологија и стекнато стручно звање дипломиран психолог со 240 ЕКТС и просечна оценка 9,6, издадена од Меѓународниот Славјански Универзитет ,,Гаврило Романович Державин” – Свети Николе, Битола – Република Македонија и
- Дипломата со бр.М147 од 25.11.2015 година издадена на ден 24.05.2016 година под сериски број 000207 за завршен втор циклус на студии, на име Елена Јорданче Кузмановска на универзитетски студии на студиската програма Клиничка и советодавна психологија со вкупно 300 ЕКТС, просечна оценка 9.71 и стекнат стручен назив Магистар на психолошки науки, издадена од Меѓународниот Славјански Универзитет ,,Гаврило Романович Державин” – Свети Николе, Битола – Република Македонија.
2. Ова решение влегува во сила со денот на неговото донесување.
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Министерката за образование и наука формираше Комисија за надзор над издавањето на дипломи и уверенија со Решение бр. 18-2317/1 од 06.02.2026 година, која на ден 18.02.2026 година изврши надзор во досиејата на студентката Елена Јорданче Кузмановска за издадени дипломи на прв и на втор циклус на студии, како и увид во матичните книги на запишани студенти во учебната 2013/2014 година и главните книги на дипломирани студенти на прв и втор циклус на студии во седиштето на Меѓународниот Славјански Универзитет во Свети Николе.
Согласно извршениот надзор Комисија за надзор над издавањето на дипломи и уверенија состави Извештај со бр.18-2317/2 од 02.04.2026 година и достави предлог дипломите од точка 1 на ова решение да се поништат.
Видно од Извештајот со бр.18-2317/2 од 02.04.2026 година, Комисијата утврди голем број на неправилности во студирањето на прв и втор циклус на студии на студентот Елена Јорданче Кузмановска, и тоа - неправилности утврдени за прв циклус на студии: Запишувањето на студентката и напредувањето на студиите во III година на студии во 2013 година во втор уписен рок не можело да биде извршено бидејќи Решението за презапишување на студентот од друг факултет со бр. 03-323/2 од 03.07.2014 година, со кое се признати одредени испити од претходно образование, како и диференцијални испити кои студентот треба да ги преполага, е донесено на 03.07.2014 година, односно студентот можел да биде запишан во III година од денот на донесување на горенаведеното решение, а не во 2013 година, пред да биде донесено Решението за презапишување на студентот од друг факултет со бр. 03-323/2 од 03.07.2014 година. Меѓународниот Славјански универзитет ,,Гаврило Романович Державин” - Свети Николе, запишувајќи го студентот директно во III година во 2013 година во вториот уписен рок го извршил спротивно на членот 16 став 1 од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 38/05, 110/08 и 51/11).
Признавањето на испитите во решението за презапишување е спротивно на членот 2 (поимник) точка 14 од Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/08), кој бил во важност во периодот на студирање на студентот, каде е регулирано дека „“Кредит трансфер систем” е заедничка процедура што се воспоставува според Европскиот кредит трансфер систем (ECTS – European Credit Transfer System). Студентката Елена Јорданче Кузманоска до донесувањето на Решението за презапишување на студентот од друг факултет со бр. 03-323/2 од 03.07.2014 година, во учебната 2013/2014 година положила испити кои носат 161 ЕКТС од студиска програма која носи вкупно 240 ЕКТС кредити, и истото е спротивно на членот 93 став 4 од Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/08), кој бил во важност во периодот на студирање на студентот, односно кредитите што ги носат признатите предмети од Високата медицинска школа-Битола не соодвествуваат со кредитите кои ги носат, а и се признаваат како еквивалент на Факултетот на Психологија-насока општа психологија.
Од увидот во пријавите во досието на студентот Елена Јорданче Кузмановска воочено е дека на пет пријави од положените испити за прв циклус на студии има печат со сегашното уставно име на државата Република Северна Македонија, кое име не би можело да биде ставено на печат, бидејќи во времето на понесување на пријавите и полагањето на испитите името на државата било Република Македонија.
Неправилности утврдени за вториот циклус на студии: од увидот во студиската програма на Факултетот за психологија – Клиничка и советодавна психологија (3+2) - последипломски студии, констатирано е дека е предвидено полагање на четири задолжителни предмети кои носат по 15 ЕКТС, еден изборен предмет кој носи 10 ЕКТС, еден Универзитетски изборен предмет кој носи 10 ЕКТС, практична работа која носи 10 ЕКТС, Нацрт на магистерски труд кој носи 10ЕКТС и магистерски труд кој носи 10 ЕКТС или вкупно собрани согласно студиската програма требало да носи 120 ЕКТС, износот на ЕКТС кредитите според поставеноста на студиската програма изнесува 110 ЕКТС. Согласно извршениот увид во пријавите од полаганите испити, како и во Уверението за положени испити од втор циклус на студии за досие М133015 издадено на 11.12.2015 година (без архивски број), студентката полагала четири задолжителни предмети по 15 ЕКТС кредити, два изборни предмети по 10 ЕКТС кредити и еден Универзитетски изборен предмет кој носи 10 ЕКТС кредити. Во уверението се внесени 10 ЕКТС кредити за практична работа, пет ЕКТС кредити за нацрт на магистерски труд и 15 ЕКТС кредити за магистерски труд или вкупно 120 ЕКТС кредити. Кредитите дадени за нацрт на магистерски труд и за магистерски труд се разликуваат од оние во студиската програма, како и тоа што студентката наместо еден изборен предмет полагала два изборни предмети, а во студиската програма е наведено дека се полага еден изборен предмет.
Во членот 9 од Правилникот за организирање студии од втор циклус (магистерски студии) со бр. 03-164/2 од 11.05.2012 година стои дека „Уписот на магистерски студии за кандидатите кои имаат завршено несоодветни специјалистички студии, односно завршен прв циклус со 240ЕКТС или 180ЕКТС на несоодветни студии, се регулира со посебна одлука на Наставно научниот совет на соодветниот факултет на кој кандидатот аплицира за упис и спроведување на тестирање од областа за која аплицира за упис. „Меѓународниот Славјански Универзитет“ при извршениот увид не приложи документ ниту одлука со кој се потврдува соодветноста на студиските програми од специјалистички студии за упис на прв и втор циклус на студии на лицето Елена Јорданче Кузмановска.
Врз основа на горенаведеното, се одлучи како во диспозитивот на ова решение.
Правна поука: Против ова решение може да се поведе управен спор во рок од 30 дена од денот на приемот, до Управниот суд на Република Северна Македонија.